Централното одбележување да биде на местото каде беа убиени 10-те армиските резервисти во 2001 година, кај месноста Карпалак, побараа здруженијата на учесници во воениот конфликт, на годишнината од масакрот.
Денес повторно делегациите се поклонуваа на малата спомен плоча поставена на банкината на автопатот Тетово-Скопје, затоа што сите досегашни ветувања за изградба на достојно обележје не се исполнети. Претставници на државниот врв, семејствата, политички партии и здруженија положија свежо цвеќе, а свештените лица отслужија панихида.
Бранителите и оваа година повторија дека државата ги заборавила и дека разочарувањето кај нив е огромно.
„Ние во Прилеп во ред ќе ги посетиме гробиштата на загинатите, ама местото е овде и овде доликува одржување на свеченоста. 23 години истото го зборуваме 23 години државава наша од македонска страна ја водат глуви, апсолутно глуви. Еднаш да не слушнеа, еднаш да не прашаа – луѓе како живеете, дали имате семејства, дали имате деца ви треба ли нешто? Не. Јас како човек во години не можам да појдам на бањско лекување. Земам 14 илјади пензија“, вели Јордан Трајковски, Здружение на резервни воени обврзници – Прилеп.
Марјан Ристески, кој бил еден од преживеаните во масакрот, а денес дел од владината делегација, вели дека ќе настојува и тука да има достојно спомен обележје во чест прилепските бранители. Тој испрати порака дека овој настан не треба да се заборави, меѓутоа треба да биде минатото и да живееме сите во нашата заедничка држава.
„Чувствуваме голема тага и болка неизмерна за десетте загинати прилепски бранители од конвојот кој се упати токму на овој денешен ден пред 23 години во одбрана на суверенитетот интегритетот на република македонија во касарната тетово меѓутоа. Да напоменам дека овој ден чувствуваме и восхит почит и храброст. Како дел и од преживеаните во тој настан и навистина овие луѓе треба да бидат запишани со златно букви во македонската историја меѓутоа голема почит и за сите бранители од 2001 година го застанаа на браникот на својата татковина“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.
23-годишнатата од масакрот кај Карпалак се одбележа и во родното место на бранителите.
Данијела Билбилоска