Мала корист ќе има од намалувањето на данокот на добивка за најголемите фирми од 10 на 5 отсто во привлекувањето големи светски мултинационални компании, со оглед на тоа што годинава стапува на сила правилото за светски минимален данок од 15 отсто. Тоа значи дека некој друг ќе се офајди.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека планираат намалување на данокот на добивка за фирмите кои заработуваат над 50 милиони евра годишно од 10 на 5 проценти.
Идејата е дека со намалување на данокот на добивка, во земјава ќе дојдат големи светски мултинационални компании кои би се преселиле во Македонија привлечени од ниските давачки.
Сепак, земјите од ЕУ, како и многу други држави во светот, од почетокот на годинава ги воведоа правилата за глобален минимален данок од 15 проценти. Овој данок ќе се одрази на најголемите 8000 мултинационални компании ширум светот.
Тоа значи дека ако некоја фирма во Македонија плаќа данок од 5 отсто, матичната компанија ќе ги доплати останатите 10 отсто во земјата во која е сместена.
„Глобалниот минимален данок е прифатен од околу 140 земји во светот, практично сите најважни економии во светот, вклучувајќи ја и ЕУ, и Америка го прифати иако не го имплементира целосно, и Македонија го прифати иако сè уште не се донесени домашните закони, што значи дека за да може да функционира таа намера на владата да привлече компании коишто тука ќе плаќаат ниска стапка на данок на добивка, треба таа компанија да не оперира во ниедна од овие 140 економии, значи ниту во ЕУ, ни во Америка, ниту во која било друга позначајна економија. Такви мултинационални компании скоро и да нема во светот, или ако има тоа се сигурно некои сомнителни компании коишто перат пари од криминални активности или нешто такво“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
За да се реши проблемот со ерозија на даночната основа и пренасочување на профитите кон земји со пониски даноци Организацијата за економска соработка и развој и Г20 го донесоа правилото за минимален глобален данок.
Со оглед на тоа што данокот на добивка во Македонија е 10 отсто, а фирмите во Технолошко-индустриските развојни зони се ослободени од данок на добивка, нивните матични компании сега ќе треба да го платат данокот во земјите од коишто доаѓаат. Јовановиќ вели дека со ниските даноци Македонија ќе си пука во нога.
„На пример, ако Џонсон Мети плаќа ефективна даночна стапка од 7 отсто, тој сега подлежи на тој глобален минимален данок и ние како држава или ќе го даночиме дополнително до тие 15 отсто или ќе им дадеме на Германците, Англичаните или не знам кој друг да ги прибере тие пари. Македонија сега се наоѓа во таква ситуација што ќе треба да ја зголеми својата даночна стапка. Ќе треба овие големи компании коишто веќе оперираат во Македонија, а ги има сигурно неколку, ќе треба да одлучи дали ќе ги даночи со 15 отсто или ќе ги остави тие пари да ги прибере некоја друга голема држава“, вели Јовановиќ.
Само пет фирми во Македонија минатата година оствариле добивка по оданочување од над 50 милиони евра – Јавното претпријатие за државни патишта, Џонсон Мети, и трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка.
Министерката Димитриеска – Кочоска, пак, вели дека уште не е ништо прецизирано, но оти измените не се планираат за на постојните фирми да им се намалат даноците, туку да се привлечат нови, богати компании.
Срѓан Стојанчов