Бугарија почна проверки и испитувања на нивната дипломатска служба во Македонија (амбасада во Скопје и Генерален конзулат во Битола) откако пред неколку месеци беше откриено дека хигиеничарка вршела конзуларни работи и правела интервјуа со баратели на бугарско државјанство во Македонија. Техничкиот премиер и министер за надворешни работи Димитар Главчев во своја изјава пред надлежната собраниска комисија посочил дека се откриени многу пропусти на бугарската дипломатија во Македонија. .
-Во Македонија бил воспоставен кол-центар за снимање на часови и часови телефонски разговори за конзуларни услуги и давање информации. Центарот функционирал на целата територија на Република Македонија и ги снимал телефонските разговори со Генералниот конзулат во Битола и со Амбасадата во Скопје. На овој начин, на правно лице со нејасна сопственост му се дало можност да ги дознае и систематски да ги архивира личните податоци на десетици илјади луѓе кои низ годините аплицирале за бугарско државјанство или барале секаков друг вид на конзуларни услуги, изјави Главчев, кој нагласил дека договорот со кол центарот е прекинат.
Дополнително е потврдено дека во конзулатот во Битола имало хигиеничарка која работела конзуларни услуги. Констатирани се повеќе прекршоци меѓу кои и дека хигиеничарката вршела разговори со македонски државјани за стекнување бугарско државјанство. По истрагата престанале нејзините активности освен оние за кои е задолжена, а тоа се одржување на хигиена во обејктот на генералниот бугарски конзулат во Битола.
-Таа повеќе нема пристап до архивите на конзулатот и до активностите на конзуларното одделение, истакнал Главчев на парламентарното сослушување во Софија.
БГНЕС пренесе и друга информација за моќта на „чистачките“ во бугарската дипломатија. За амбасадата во главниот американски град Вашингтон, министерот и в.д. премиерот Главчев открил дека хигиеничарката е во љубовна врска со високопозициониран дипломат во амбасадата. Имало и други злоупотреби во Вашингтон кои се случувале последната година, пренесе БГНЕС.