Жестоки немири низ улиците на главниот град на Бангладеш, Дака по одлуката на Врховниот суд во земјата да ги намали владините квоти за вработување на роднините и децата на воените ветерани од војната за независност од Пакистан од 1971 година.
Распоредено е силно вооружено армиско присуство по повеќедневните смртоносни судири во земјата во кои животот го загубија над 100 лица. Воведен е полициски час и прекин на интернетот. Во обидот да се спречат немирите интервенираше и граничната полиција.
Владата веќе ги даде потребните директиви до вооружените сили да работат на помош на цивилната администрација во врска со обезбедувањето на безбедноста на животите на луѓето и јавниот имот. Полицискиот час се воведува за да се спасат животите на луѓето и јавниот имот, изјави генерален секретар на Авами лигата, Обајдул Куадер.
Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми и фрлаше димни гранати за да ги растера демонстрантите кои возвраќаа со камења со кои ги исполнија улиците и универзитетските кампуси.
Многумина беа убиени. Луѓето се убиваат како птици. Луѓето се убиваат по тортура. Тие се убиени со спонзорство од владата додека учествуваа во нашето движење за реформи на квотите. Затоа државата треба да ја преземе одговорноста, раскажува координатор на Студентското движење против дискриминација, Хаснат Абдула.
Тројца од моите браќа демонстранти се веќе мртви во болницата Маитри. Куршум заврши во главата на еден од моите другари, а јас го донесов во болницата Мејтри. Види, има дамки од крв на мојата рака. Зошто рацете ми се обоени со крвта на моите браќа?, вели Ријад еден од демонстрантите во толпата.
Хаосот ги истакнува пукнатините во управувањето и економијата на Бангладеш и фрустрацијата на младите луѓе на кои им недостасуваат добри работни места по дипломирањето.
Демонстрантите тврдат дека системот на квоти е дискриминаторски и им користи на поддржувачите на Хасина, чија партија Авами лига го предводеше движењето за независност, велејќи дека тој треба да се замени со систем заснован на заслуги.
Стапката на невработеност кај младите е многу висока. Во земјата со население од околу 170 милиони луѓе, има речиси 32 милиони млади луѓе кои не студираат или работат.
Мојот син го положи испитот за повисоко средно образование и го образувам за да може да се вработи. Ако нашите деца ги имаат заслугите, тие ќе добијат владини работни места, но сега децата на борците за слобода кои немаат заслуги лесно ја добиваат работата, истакна Мохамед Барек, родител кој дава поддршка на движењето на студентите.
Хасина го бранеше системот на квоти, велејќи дека ветераните заслужуваат најголема почит за нивниот придонес во војната против Пакистан, без оглед на нивната политичка припадност.
Александар Петрески