Коце Трајановски повторно ќе извршува јавна функција. Човекот што добиваше прекари како Коцката или Копакабана, поради неговите проекти како градоначалник на Скопје, сега ќе биде директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Управниот одбор веќе го разреши Ејуп Рустеми, именуван пред четири години. Трајановски беше прв човек на Општина Гази Баба, а до 2009-та на Град Скопје.
Градоначалникот кој го спроведе најголемиот градежен криминал во историјата на земјата, проектот „Скопје 2014“, сега ќе има моќ да раководи со најголемите инфраструктурни и градежни проекти, реагира СДСМ.
Опозициската партија се сомнева дека ова најавува огромна корупција во едно од претпријатијата со најголем буџет, бидејќи Трајановски е „човекот кој со својата најтесна фамилија е косопственик и управител на фирмата „Косистеми“, чија дејност опфаќа и градежништво“.
Според СДСМ, нема поголема потврда како планира да работи ВМРО-ДПМНЕ од одлуката со која рехабилитира функционери кои нанеле државна штета од 700 милиони евра.
Коце Трајановски е шестиот директор именуван на вчерашната владина седница. Сите ќе бидат вршители на должност. Кој може да биде именуван за директор или за вршител на должноста, требаше да биде уредено со Законот за висока раководна служба. Предлогот, што требаше да утврди професионални стандарди, никогаш не стигна до собраниска процедура. Експертите потсетуваат дека и сегашната регулатива овозможува избор на стручни кадри, ако има добра волја, но предупредуваат и на злоупотреби на веде позициите.
Со вчерашната одлука на Владата, историчарот Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде прв човек на Управата за извршување санкции. Стоматологот Оливер Миланов ќе биде директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, аналитичарот Сашо Клековски на Фондот за здравствено осигурување, професорот Здравко Трајанов на „Национални шуми“, а експертот за странски инвестиции Гоце Димовски – на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Клековски и неговиот заменик Аџигогов веќе стапија на должност, преземајќи ја од досегашните директори Магдалена Филиповска-Грашкоска и Асаф Абдурамани.
Соња Николовска