Црвениот аларм се вклучи,возачите до петок ќе возат редуцирано – скопјани ќе имаат приватен превоз само до 10 часот утрината. Ова е одлуката на приватниците откако градските власти и по последната средба минатата недела се уште не им се исплатени средствата.
Денеска дел од нив со нивните автобуси во населба Ченто застанаа на предупредувачки протест и побарааа од надлежните веднаш да им го исплатат долгот.
Пред една недела ЈСП доби нов директор. Поставивме прашања до новото раководство дали ќе ги реши проблемите на приватниците, но до објавување на овој прилог не добивме одговор.
Приватните превозници во ноември 2022-та година престанаа да возат поради долгови, а нивните автобуси беа паркирани по булеварите во главниот град.
Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска ги раскина договорите со двете здруженија „Слобода превоз“ и „Макекспрес “ кои возеа под капата на приватните превозници и распиша нови огласи за вршење јавен линиски автобуски превоз на кој можеше да се пријават приватните превозници. Се назначија нови директори на три пакети, а токму овие тројца пред една недела беа на средба со градските власти за да побараат исплата на долгот од месец јануари.
Симона Петровска