Силен трескот и секунди поминати во страв и неизвесност. „Траумата и по два дена сѐ уште е свежа и со тоа допрва ќе се бориме“, вели возачот на возилото врз коешто се урна оградата од „Железничкиот мост“ во Автокоманда.
Среќа во несреќа е што возилото беше теренско и поиздржливо од вообичаените патнички возила, вели оштетениот Боби Ѓорѓиевски.
Патувал со сопругата и трите малолетни деца, додека со автомобилот се пробивале низ силниот дожд и ветар, пред патувањето да им заврши среде булевар.
„За среќа, падот на оградата се случи по должина на возилото и по должина на оградата. Самата енергија од ударот беше амортизирана. Доколку тоа се случеше со некој раб од оградата или со издолжен профил тогаш можеше многу трагично да заврши. Ќе се случеше пробивање на кровот на возилото. Јас не знаев што се случува. Не знаев што паднало врз возилото, немаше прегледност поради напукната шофершајбна. Во тој момент човек може сѐ да помисли. Тоа можеше да биде камион, вагон. Сето тоа траеше неколку секунди, не беше само еден удар, поради силниот ветер“, вели во изјава за Телма, оштетениот Боби Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вртел на броевите на институциите за итни случаи и прво ја добил полицијата. Дошле, го стопирале сообраќајот, за потоа застојот да трае со часови.
Оштетениот вели дека сега правдина ќе бара по судски пат. Материјалната штета е голема, траумите уште поголеми, а на прво место му е ваквото нешто никому да не се повтори.
„Акцентот ќе го ставам на превенција од идни вакви настани. Најдобро е да изреагираме сите заедно како општество за да се преземат мерки и да не се случуваат вакви немили настани и во иднина. На второ место, секако би сакал да бидам обесштетен за штетата која ми настана, а не е баш мала – како во материјална штета, така и во предизвикани трауми, сегашни, а се надевам не и во иднина. Допрва ќе се бориме со тој проблем. За разрешница ангажирав двајца адвокати затоа што јас нормално како и секој друг граѓанин, не го познавам добро правниот систем и законите во тој дел“, додава Ѓорѓиевски.
Извори од Центарот за управување со кризи за Телма брифираат дека ингеренциите околу оградата од мостот надвозник во Автокоманда, која се урна при неврмето во Скопје пред два дена, во случајов се испреплетени и неофицијално се наведуваат неколку институции.
Македонски железници се споменати како носители на пругата на таканаречениот „Железнички мост“, а за рекламните паноа виси дилемата – кој издал дозвола, дали општината или градот, во чија надлежност е булеварот?!
Овие прашања остануваат отворени, иинституциите допрва ќе проверуваат, а од ЦУК се отворени за соработка и помош во лоцирањето на одговорностите за целиот случај.
Силното невреме во неделата направи штети и на други места – паднаа дрвја, се поплавија домови и дел од патната инфраструктура.
Петар Догов