Вести Македонија Топ вести

Владата во заминување ги опари нотарите – Поскапување на нотарските тарифи за два до 10 пати

Десетина дена пред да ја напушти фотелјата, министерот за правда во заминување Кренар Лога ги покачи нотарските тарифи за два до 10 пати. Новата нотарска тарифа е објавена во Службен весник на 12 јуни, но ниту владата, ниту Министерството за правда не се „пофалија“ со покачувањето на цените.

Лога ја потпишал новата тарифа уште во февруари, но Владата дала согласност дури по завршувањето на изборите, иако во соопштенијата по владините седници немаше ваква информација.

Новите цени ќе важат од 1 септември годинава.

Најголемо поскапување има кај составувањето на нотарски акти од помала вредност. За актите од стотици или милиони евра речиси и да нема промени или поскапувањето е минимално.

На пример, според досегашната тарифа, за нотарски акти до 100 илјади денари, се плаќаше 800 денари, за акти до 100 до 200 илјади денари нотарската тарифа беше 1200 денари, за акти од 200 до 300 илјади денари се наплаќаше 2000 денари, а ако вредноста беше меѓу 300 илјади и 3 милиони денари, нотарот можеше да добие максимум 8000 денари. Сега, за сите акти до 3 милиони денари, односно до 50 илјади евра, граѓаните ќе треба да платат 8000 денари. Независно дали се работи за предмет во вредност од 500 или од 50 илјади евра, граѓаните ќе треба да му искешираат на нотарот 8000, наместо досегашните 800 денари. Односно, цената се зголемува за 10 пати.

За составување на еднострани правни акти досега се плаќаше 400 денари, а новата цена ќе биде 1300 денари, односно поскапување од над 3 пати.

Заверката на превод поскапува двојно, од 100 на 200 денари. За исто толку поскапува и заверката на потпис.

Во Министерството за правда прашавме кои се причините за поскапувањето и како тоа ќе се одрази на стандардот на граѓаните, но не добивме одговор.

Побаравме став и од министерот во заминување Кренар Лога, но ниту тој не одговори на нашите пораки.

Со оглед на тоа што поскапувањето со потписот на Лога донесено минатата недела треба да почне да важи од 1 септември, неизвесно е како ќе постапи идниот министер за правда Игор Филков кој треба да дојде на таа позиција на предлог на Движењето ЗНАМ. Новата влада треба да биде избрана викендов.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Молк за жртвите, пароли за правда и порака – „Системот е следен“

Дејан Дејан

Не сум сигурен дека ќе нема реконструкција во владата до локалните избори, смета Арсовски

Дејан Дејан

Рано е за предвремени избори, смета политикологот Божиновски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе