Обвинителството мора да ја смени квалификацијата за делото на жената од Кратово која ги уби својот сопруг и свекорот бара Платформата за родова еднаквост.
Оттаму се на ставот дека таа е жртва во овој случај, со години била подложена на физичко и психичко семејно насилство, а институциите не реагирале и покрај неколку пријави и посочуваат на случајот со Пале Иловска во Велес, каде судот донесе ослободителна пресуда.
Платформата за родова еднаквост реагира на одлуката на кумановското Јавно обвинителство да го квалификува делото на 36-годишната кратовчанка која ги уби својот сопруг и свекор како убиство со умисла.
Оттаму сметаат дека станува збор за самоодбрана, односно институтот нужна одбрана и потенцираат дека таа била жртва на насилство со години и системот не ја заштитил.
„По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место“
Од платформата за родова еднаквост соопштија дека ќе бараат од кратовската полиција и центарот за социјални работи документација за претходните пријави на семејно насилство за да може прецизно да се утврди како и зошто се случиле пропустите и зошто не било постапувано.
Огнен Чанчаревиќ