Вести Македонија Топ вести

ДЗР: Исплатени 46 милиони евра за мерки за вработување и надоместок за невработени

Околу 23 милиони евра потрошила Агенцијата за вработување за реализација на 14 програми и мерки за вработување во 2022 година, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Овие пари претставувале 43 отсто од вкупните трошоци на агенцијата. Најмногу средства биле издвоени за поддршка за самовработување речиси 10 милиони евра, потоа за субвенционирање на плати речиси 5 милиони и 800 илјади евра. Ревизорите притоа нотираат дека не се правеле ранг листи за тоа кој треба да ги добие парите, туку тоа се вршело по принцип прв пристигнат прв услужен, а не е почитуван и принципот на рамномерен регионален развој на осумте плански региони.

„Повисок износ е исплатен кај скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата при што во поедини случаи надминувањето е и двапати поголемо, додека за планските региони од централниот и источниот дел на земјата е исплатен понизок износ од утврдената квота со одлуката“, наведуваат од Државниот завод за ревизија.

Од агенцијата на овие наводи на ревизорите одговориле дека правилата за учество во програмите и мерките се врз основа на дефинирани критериуми и услови за мерките, а дополнителен услов е и „прв дојден прв услужен“, а притоа има и квоти за субвенции за секој регион.

Во однос на паричниот надоместок во случај на невработеност во 2022 година исто така биле издвоени речиси 23 милиони евра или речиси 43 отсто од трошоците на агенцијата отишле за оваа намена. Според ревизорите, за разлика од 2021 година има намалување на потрошената сума од речиси два милиони евра.

„Со проверка на функционирањето на постапката за остварување на право на паричен надоместок на избран примерок на предмети за 2022 година ревизорите утврдиле дека кај дел од анализираните предмети документацијата е некомплетна, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок“, се наведува во извештајот. 

Во делот на административното работење на Агенцијата за вработување ревизорите утврдиле и дека имало исплата на додаток на плата, заради зголемен обем на работа за кој не постоел соодветен законски основ.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таравари: Добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството во други држави 

Дејан Дејан

Игор Стојковски – нов директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија

Дејан Дејан

Ристовски: Легитимна е онаа федерација која што ќе пријави систем на натпреварување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе