Вести Македонија Топ вести

Изборните процеси стануваат се подобри, но не и етиката кај политичарите

Неодамнешните парламентарните и претседателските избор во земјава покажале дека се надминати се најтешките форми на нерегуларности кои ги имало во претходните изборни циклуси, но оти треба да се работи на подигање на демократските стандарди и поттикнување на одговорноста на идните носители на јавни функции. Ова го покажува прелиминарниот Извештај за изборната етика на водичот за доблесни политичари, изготвен од Форумот за разумни политики.

„На фонот на негативната кампања, на фонот на препукувањата, на личните напади и т.н. ние имавме добри избори, имавме добар изборен процес, во рамките на некакви, може да кажеме, балкански стандарди. Да не одам премногу во стереотипизација“,вели Гордан Георгиев од Форум за разумни политики.

Анализата покажала дека претседателските кандидати доминантно биле посветени на нагласување на слабостите на опонентот, додека јавната комуникација на партиите за време на изборите, освен што била негативна, политикантска и насочена исклучиво кон партиските бази, се обраќала и на целосно различни светови. Медиумите пак во таква атмосфера покажале тенденција да ги нагласуваат негативните пораки и да ги претставуваат како примарни пред граѓаните.

„Се прифаќа вокабуларот, поракатите, пристапот којшто го наведуваат политичките партии и тоа само се мултиплицира“, смета Ибрахим Мехмети, кој беше дел од тимот кој го изготви Извештајот.

На панел дискусијата организирана во рамки на Извештајот, чии заклучоци ќе влезат во финалната верзија на документот, беше посечено дека иако има подобрување на изборниот процес и мирен трансфер на власта, од следните изборни циклуси ќе зависи во која група држави ќе влезе Македонија по нивото на демократски развој – средно или ниско.

 

„Ние се уште го немаме искуството за организирање на фер и демократски избори од страна на друга политичка партија којашто беше на некој начин изворот за формирањето на техничката влада, односно постоењето на Пржинскиот договор. Во периодот пред нас, во годините што следат, еве имаме доволно долг период од четири години во коишто треба да покажеме доволна демократска зрелост организирајќи, прво локални избори, а потоа избори за останатите нивоа на власта“,  смета универзитетскиот професор Александар Спасеновски, кој бил вклучен во подготвување на анализата.

Дел од говорниците дебатираа и за тоа дали е добро или не да има промена на власта, односно дали е добро за една партија да оди во опозиција, а се зборуваше и за културата на гласање „против“ наспроти гласање „за“ на изборите, без притоа да не се битни програмите.

„Победува оној кој ќе создаде најголем револт кога е во опозиција, кој е махер за создавање на револт и психоза. И кај луѓето најинтересно од се ми е што се апсолутно свесни за тоа. Они се свесни дека при промената на власта нема да го добијат тоа што им е ветено. Јасно им е. Ниту ќе има правда, ниту ќе има мир, ниту ќе има ревизија на кој било договор. Тоа се глупости. Тоа нема да се случи никогаш. Ама на луѓето им е јасно. Меѓутоа навиката, тој Павлов рефлекс создаден да ти создадеш револт кај луѓето за да гласаат, за да ги мобилизираш, станува опскурна работа кај нашето гласачко тело“, е ставот на Ненад Марковиќ, универзитетски професор.

Извештајот инаку е направен врз анализа на 1.647 објави во 69 медиуми со методологијата заснова на следење на јавниот дискурс онака како што го перципираат граѓаните преку ним достапните медиуми.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе