Нема да предложам ниту еден кандидат за претседател на Уставниот суд, за тоа да не биде сфатено дека пренесувам нечија порака, порача претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во вечерашната Топ Тема на Телма.
Да не помисли некој дека јас пренесувам нечија порака, дека некој ми кажал кого да предложам, или нешто слично. Знаете, секогаш нешто погрешно се толкува во јавноста, рече Кацарска.
Појасни дека гласањето е тајно, а за кого таа ќе гласа не може да каже. Инсистира дека досега никој не ѝ се јавил да лобира за никого.
Можеби нема да ми верувате, но најискрено го кажувам ова, мене никој не ми се јавил да ми каже за кого да гласам. Доволно ме познаваат сите и знаат дека влијание кај мене не поминува, дали ќе се јави еден или 100 луѓе, без оглед дали ќе се тоа политичари, бизнисмени, обични граѓани, знаат дека јас ќе гласам онака како што јас мислам. Затоа мене никој не ми се јавува. Дали кај другите колеги има лобирања или не, не знам, рече Кацарска.
Осврнувајќи се на заклетвата на претседателката Гордана Силјановска Давкова и нејзиното избегнување да го изговори новото уставно име на државата, Кацарска рече дека иако на никого во Македонија не му се допаѓа името, тоа сепак е наведено во Уставот, а тој мора да се почитува.
Јас сум убедена дека не постои Македонец којшто е среќен со промената на името, сите ние би сакале да остане нашето вековно име, но за жал реалноста е таа. Името е сменето и во самиот Устав е наведено кое е нашето име, и сега сметам дека ние сме должни да го користиме уставното име, коешто е Република Северна Македонија, рече Кацарска.
Не сакаше да го каже нејзиното лично мислење, напоменувајќи дека тоа би било непрофесионално затоа што постои можност таков предмет да биде претставен пред Уставниот суд.