Во Драмскиот театар од Скопје утре вечер ќе се одржи праизведбата на текстот „ Парови“ од нашата драматичарка Ана Ристоска Трпеноска. Претставата која зборува за жртвувањето на љубовта денес, како резултат на сопствените проекции на луѓето за себе , ја постави режисерката Ивана Ангеловска , на која ова и е професионално деби во Драмскиот театар.
Очекувањата меѓу партнерите во брачните заедници, но и во хетеросексуалните и хомосексуалните врски, како и меѓусебната борба за доминација и заблудите околу личните проекции, ќе заживеат на репертоарот на Драмски театар, низ праизведбата на текстот „ Парови“. Овдека под лупа е љубовта, која е жртвувана, а во која верува авторката на текстот.
- Она што сакав да дојде до израз, е дека кога зборуваме за партнерски односи или за брачни заедници , тоа е една поинаква состојба од онаа идеализирана љубов за која што сите партнери сонуваат или очекуваат дека треба да се случи во една заедница , и дека треба да трае. Или она што дигиталниот свет , социјалните медиуми ни го прикажуваат како слика за заедница, во реалноста, во секојдневниот живот ситуацијата е малку поинаква, рече авторката на текстот, Ана Ристоска Трпеноска.
Дејсвието во чиј фокус се пет парови, се пренесува низ фрагментарна драматургија, подредена на отворената форма на претставата. Доминира драмската игра, но има и кореографија и пеење, а преку микрфоните е доловен внатрешниот свет на ликовите. Сцените течат во минималистички решениот сценски простор, за кој беше задолжен Константин Трпеноски, кој го сведе на столови и сијалици. Но, клучни се емоциите на ликовите што ги предаваат актерите, вели режисерката.
- Сакав да направиме нешто што ќе биде , каде што само тие ќе бидат во фокус и емоцијата. Затоа што јас така го чувствувам овој текст. Да не биде обременет од форма, од ништо. Буквално, да биде само плод на нивните енергии. И тоа беше навистина возбудливо . И така, и на тој начин ние ги кршиме овие ситуации и си играме со овие трагични и комични ситуации, кажа режисерката Ивана Ангеловска.
Во претставата настапуваат десет актери , кои прават спој на искуството и младоста на Драмски театар.
- Мислам дека и во конфликтите на сите луѓе , без разлика дали е банкар, пекар и поштар, и било кој што да работи, човекот во својата гордост и од тоа што мисли , дека најчесто заборава на тој блискиот до него. Некако сакаме ние да бидеме на прво место и сите да гледаат во нас. Сите да изгледаме убаво, да се дотераме, вели актерот Игор Ангелов.
Авторска, но и избор на друга музика , за потребите на претставата направи Ади Имери. А, современите, функционални костими се авторство на Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев. Накусо „ Парови“ не потсетува дака сите сме луѓе, со потреба да сакаме и да бидеме сакани.
Сотир Трајков