Вести Македонија

Обвинителството ќе го чека наодот од обдукција на седуммесечното бебе од Вевчани кое почина во „Св. Еразмо“ по хируршки зафат на главата

Мајката на седуммесечното бебе од Вевчани, кое почина вчера по операција извршена поради повреди на главата, пред да го однесе во болница, во понеделникот напладне побарала лекарска помош во Здравствениот дом во Вевчани. Од таму потврдуваат дека лекарот не констатирал видливи повреди кај малото дете, по што ја испратил мајката дома со совет да се врати доколку се влоши состојбата. Но, таа повеќе не се јавила во вевчанскиот Здравствен дом, иако семејството живее во близина.

„Мајката со бебето во ЈЗУ Здравствен дом Вевчани дојде околу 12 часот. Прегледот е извршен од докторка во Итната медицинска помош која не констатираше никакви видливи повреди. Мајката е кажала дека детенцето паднало. Даден е совет кажано доколку состојбата се влоши да се врати повторно во установата, по што мајката заминала“, вели Јован Стојкоски, директор на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани.

Засега е неизвесно дали барала помош и во други здравствени установи. Околу 16 часот тој ден се упатила во специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, каде рекла дека седуммесечното бебе се повредило при пад од импровизиран кревет во семејниот дом. Лекарите утврдиле дека бебето има мозочно крвавење и врз него итно бил извршен хируршки зафат, а неколку часа по операцијата почина.

Охридското обвинителство ги истражува причините за смртта на бебето. Побарана е обдукција, која е веќе завршена, а сега забрзано се работи на анализите, по што извештајот ќе биде доставен до Обвинителството, потврдуваат од Судска медицина.

Надлежниот обвинител прибира и други докази, извршени се разговори со семејството, се проверува дали персоналот во болницата „Св Еразмо“ постапил согласно протоколите и процедурите. Исто така се проверува и третманот во Здравствениот дом во Вевчани.

„Кај нас контролата е веќе направена, од страна на МВР одземена е медицинската документација и истрагата е во тек по насоките на јавното обвинителство“, додава Стојкоски.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за Телма информираат дека случајот е во рацете на МВР и Обвиниетелтвото и досега не добиле налог за вршење вонреден инспекциски надзор во здравствените установи каде мајката побарала лекарска помош за повреденото бебе.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Нов пожар во близина на Скопје, гори кај Смилковци- очевидец пријавил на полиција дека видел како е подметнат

Дејан Дејан

Тошковски за пожарите: Се разгледуваат сите опции и сценарио кое би можело да има друга позадина

Дејан Дејан

Локално население, грчки канадери, пожарникари и војници од АРМ го гаснеа пожарот во селото Николиќ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе