Нема промена на коефициентите за утврдување на плати за судиите и членовите на Судскиот совет. Тие остануваат на истото ниво на кое беа со февруарската плата. Уставниот суд не поведе постапка за иницијативите потпишани од Весна Дамева и Џемали Саити.
Судот утврди дека намалувањето на коефициентите за 13 отсто е направено со закон, што е во надлежност на Собранието. Платите, сепак, станале поголеми, бидејќи пораснала просечната плата во државата и останале доволно високи согласно статусот на овие лица.
Во почетокот на годинава, Собранието ги намали коефициентите за пресметка на сите функционерски плати. За судиите, коефициентите кои се движеле во распон од 2,8 до 3,7 се намалени на распон од 2,43 до 3,21, а кај Судскиот совет, 3,7 и 4 се заменети со 3,21 и 3,47.
Тие реагираа дека законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку недозволено намалување на платите. Сметаат дека се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година.
Нивните аргументи не ги убедија уставните судии. Во наредниот период, платите ќе се пресметуваат согласно изменетите коефициенти.
Соња Николовска