На стрмен терен покрај река, наместа со помош и на алпинистичка опрема, денеска се чистеше мини депонија помеѓу селата Вешала и Бозовце на Шар Планина која, иако е прогласена за Национален парк, се „дави“ во отпад.
Како предвесник на „Генералка викенд“, во оваа еко акција, рачно се чистеше разновиден комунален отпад, па и градежен шут, по што ќе бидат поставени контејнери во селата во кои досега немаше редовно подигање на сметот. За поголемите депонии, пак, ќе биде потребна механизација.
„Порака праќаме како треба сите села да имаат контејнери, да имаат луѓето каде да го фрлат отпадот. Секако ова ќе продолжи. Има и други депонии што се. Тоа со Министерството за животна средина ќе треба уште една голема акција за да се исчистат и тие“,изјави Ибрахим Дехари, директор на ЈУНП Шар Планина.
Во планинските села на Шара во следните два дена ќе продолжи акција во која учестуваат вработените во Националниот парк, припадници на АРМ, ЕБР, ЦУК и други, а во сабота ќе се чисти регионалниот пат Тетово-Попова Шапка, при што може да приклучат сите граѓани.
Организаторите велат дека мора да се подигне свеста кај луѓето за зачувување на животната средина.
„Кога доаѓавме, видовме човек како од багажникот на автомобилот извади вреќа со ѓубре и го фрли во реката, а зошто не го однесе во Тетово да го фрли во контејнер? – Ние заедно со нашите партнери помагаме да се подигне свеста на луѓето. Мора да ги едуцираме сите без разлика на возраста“, изјави Ханес Јекл од компанијата „Мен енд Маунтен“, организатори на „Генералка викенд“.
„Во повеќето градови има поставено инфраструктура, меѓутоа во некои рурални средини не се собира редовно и затоа луѓето немаат инфраструктура и го одлагаат отпадот во реки, планини, долови, шуми. Тоа треба да се спречи, луѓето треба сами да се свесни дека не ја загадуваат животната средина, таа ќе опстане, меѓутоа го загадуваат сопственото здравје“, изјави Гордана Софија од компанијата „Мен енд Маунтен“, организатори на „Генералка викенд“.
„Генералка викенд“ ќе се спроведе на 17, 18 и 19 мај во над 400 локации во сите 81 општини низ целата земја.
Данијела Билбилоска