Падот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” е видлив, а тоа го покажуваат и резултатите од листата спроведена од Центарот за рангирање на светски универзитети. УКИМ оваа година се најде на 1990 место, исто како и лани. Ретроспективно гледано во 2023 и 2022 година се наоѓаше на исто место како сега, додека во 2021 година беше на 1944 место, во 2020 година на 1917 место, а во 2019 година беше најдобро рангиран, на дури 1814 место на светската универзитетска ранг листа.
УКИМ е сѐ уште единствениот македонски универзитет кој котира на оваа листа. Петте најдобро рангирани универзитети во светот, се универзитетите Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ и Оксфорд.
Од земјите од соседството, Србија има четири високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет, кој се најде на 376-то место, меѓу другите универзитети се и високообразовните установи во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.
Од Бугарија се рангирани два универзитета, додека пак Грција е на листата со 12 универзитети. Од Хрватска на рангирањето се најдоа 4 високообразовни институции, а на списокот и годинава немаше место за ниту еден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.