Вести Култура Топ вести

Дино Имери: Шопен за мене е предизвик заради дилемите околу интерпретацијата на неговите композиции

Шопен за мене е задоволство и голем предизвик зашто секогаш имам дилеми во однос на интерпретацијата на неговите композиции. Ова го кажа нашиот, но и меѓународно реномиран пијанист Дино Имери, кој на „ Школка“ во Градскиот парк одржа рецитал со дела од големиот полски композитор, претставник на романтизмот во класичната музика , Фредерик Шопен.

  • За мене лично, претставува голем предизвик изведбата на Шопен, бидејќи секогаш до моментот на концертот имам дилеми во однос на интерпретацијата , во однос на тоа како му пристапувам на овој автор. Токму поради, од една страна едноставноста во неговиот израз, а од друга страна неверојатната рафинираност и неверојатно длабоката музчка личност. Тоа е Шопен, рече пијанистот Дино Имери.

Во рамките на рециталот, Дино Имери, кого француската музичка критика го нарече магионичар на пијаното, изведе 8 композиции од Шопен. Од „ Баладата бр.1, опус 23 во g- moll“,  преку „ Големиот брилијантен валцер, опус 34 бр.1  во As-dur “ до „ Полонезата опус 53, во Аs- dur, позната како „Херојска“ . Па го прашавме, што бара Шопен од пијанистите во техничка смисла.

  • Пред сѐ, се бара еден рафиниран , софистициран звук , полн со информации, полн со емоции. А, истовремено е нешто што треба да звучи многу лесно , многу полетно, многу едноставно, кажа пијанистот Имери.

Со рециталот на Имери, Скопје се придружни на традицијата на музицирање под отворено небо. Такви настани со учество на врвни светски пијанисти се организираат во Полска , близу Варшава , кај споменикот на Шопен, во неговото родно место Желазова Вола. Со овој настан полската амбасада во Македонија го одбележа Денот на Уставот, донесен на трети мај 1791 година. Тој бил прв устав на европско тло и втор во светот, во тоа време, и ги дал насоките за слободна држава, кажа полскиот амбасадор во обраќањето.

  • Со овој модерен акт ја надминавме тогашната епоха. Нашите соседи не биле подготвени за тоа. Тие сѐ уште биле заробени во авторитарни системи. Затоа, во рок од четири години  од усвојувањето на Уставот, дојде до две поделби на Полска. Нашата земја повторно стекнала независност во 1918 година, по 123 години заробеништво. А, Уставот од трети мај бил референца за следните генерации Полјаци , која давала надеж за живеење во слободна земја, кажа Кшиштоф Гжелчик, амбасадор на Полска во Македонија.

Творејќи во време кога Полска била заробена, Шопен во своите дела внел патриотски емоции. А,тоа можеше да се чуе и од рециталот на Дино Имери.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нашиот животен сон стана реалност – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, младоженци на годинашната Галичка свадба

Дејан Дејан

Бројот на повредени во експлозијата на бензинска во Рим се искачи на најмалку 40

Дејан Дејан

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во преговори, в недела ќе се знае кандидатот за Скопје?!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе