Со звуците на песната Неправда од Лева патика, транспаренти за повисоки плати и синдикална кореографија протече традиционалниот првомајски протест во организација на Сојузот на синдикати на Македонија, на кој му се придружија и други синдикати. Работниците побараа минимална плата од 450 евра, враќање на надоместокот за храна и превоз, стопирање на злоупотребата на договорите на дело, почитување на колективните договори, 35-часовна работна недела.
Очекуваат минималната плата да се зголеми на 27 илјади денари уште во првите 100 дена од новата влада.
„Нивните лаги дека доколку се зголемат платите, ќе пропаднат бизнисите, ќе пропадне државата, во изминатите години се покажаа како лажни. Синдикалната минимална потрошувачка кошничка која ја пресметува ССМ покажува дека на едно четиричлено домаќинство, само за леб и за вода му се потребни 22.200 денари, или онолку колку што е минималната плата. Ние да даваме од нашата плата за храна, да даваме од нашата плата за превоз, за да доаѓаме да им ‘рмбаме на газдите и да им слугуваме на функционерите не може повеќе. Во спротивно ќе почнеме да увезуваме функционери како тие што планираат да увезуваат работници да им бидат робови во државата. Ќе најдеме подобри од нив“, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Протестот почна од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи пред Собранието, оттаму пред Стопанската комора на Македонија и заврши пред владата.
Едно од клучните барања на синдикатите е враќање на надоместокот за храна и превоз кој беше укинат во 2008 година со воведувањето на концептот за бруто плата, кога храната и превозот беа вкалкулирани во платата. Тие бараат надоместокот за храна и превоз да се плаќа посебно од платата и да изнесува 20 отсто од исплатената просечна нето плата во државата, што во моментов би било по околу 8 илјади денари на секоја исплатена плата.“
Пред Стопанската комора, синдикалците им порачаа на сопствениците на фирмите дека без работниците не можат.
„Да знаат дека оваа држава и компании се изградени од работничка крв и пот, да знаат дека поради нив секој час ни гине некој на работното место, да знаат дека младите не можат да се одлучат за семејство со тие договори на определено време и договори на дело, да знаат дека ни го украдоа правото на пауза, дневен, неделен и месечен одмор, да знаат дека не се живее со 22.500“, рече Иван Пешевски, потпретседател за приватен сектор во ССМ.
Тие порачаа дека со вакви ниски плати, иселување на младите од земјата ќе продолжи.
Меѓународниот ден на трудот 1 Мај се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.
Срѓан Стојанчов