Сите трачаа, но не добија награди и пофалници. Но, маратонот на студентите од ФИНКИ е со друга цел. Тргнаа од Градскиот парк, а завршија пред Владата. Наместо медали скандираа „ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“.
Во минатото бараа простор плус при Технолошкиот факултет, добија негативен одговор, а сега се борат да издејствуваат да ги добијат просториите на Бирото за развој на образованието.
„Единствено решение е да се ослободи просторот што го користи Бирото за развој на образованието. Во комуникација бев и со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој тековно има промоција на новите простории на ТИРЗ и тука има некое можно решение за Бирото во просториите на ТИРЗ кои ќе бидат ослободени“, изјави Боро Јакимовски, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Пред камерите студентите ги споделија секојдневните проблеми со одење од еден до друг факултет и како тоа влијае врз квалитетот на наставата.
„Многу студенти сме, некогаш нема простор за предавања или вежби и за тоа се бориме. Сепак сме повеќе од четири илјади студенти и ни требаат простории“, вели еден студент.
„Не губиме толку време колку што губиме настава бидејќи нема доволно простории. Ние не одиме многу затоа што факултетите се блиску, ама дефинитивно учиме во бараки кои не се доволни“, додава студентка.
Доколку не се најде решение за нивниот проблем најавија дека ќе продолжат со протести. Деканот Јакимовски ја исклучи можноста за штрајк затоа што не сакаа тоа да влијае врз наставата. Ова е втор ваков протест на студентите од најбројниот факултет во Македонија ФИНКИ кој има повеќе од пет илјади студенти.
Тамара Марковска