Оценската мисија на ОДИХР ќе бара 24 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи за да ги следат изборите во земјава, со генерална оценка дека на изборните закони им треба суштинска реформа, а подготовките почнале предоцна.
ОДИХР притоа забележува дека последен пат Изборниот законик бил изменет непосредно пред изборите во 2021 година и, иако минатата година почна со работа експертски тим составен од Министерството за правда (во која не учествуваше ВМРО – ДПМНЕ), текстот за измените исчезна од јавната сцена.
Во извештајот на ОДИХР стои оценката дека некои од соговорниците во Македонија предупредувале дека медиумското покривање на изборната кампања е фрагментизирано и поларизирано, дека има забележителен пораст на националистичката реторика што може да резултира со засилени немири и тензии, дека била забележливо зголемувањето на нетолерантната и насилна реторика, што може да се толкува и како говор на омраза, вклучително и кон етничките малцинства.
Од ОДИХР забележуваат дека голем број од претходните препораки на ОДИХР не се имплементирани, вклучувајќи ја и таа за „систематско ревидирање на Изборниот законик за да се усвојат мерки за подобрување на транспарентноста околу финансирањето на политичките партии и кампањите, да се ревидираат прописите за распледелба на платените политички реклами, да се утврдат јасни процедури за мандатите и именувања на членови во државните изборни комисии и да се отстранат ограничувањата што го попречуваат ефективното решавање на изборните спорови“.
Ескобар ќе разговара за изборите во Северна Македонија со ОБСЕ/ОДИХР
Специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар патува во Австрија, каде што ќе се сретне со канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за да разговара за изборите во Северна Македонија и Србија, соопшти Стет департментот.
Освен во Австрија, Ескобар оди и во Белгија, Косово и Црна Гора од 10 до 18 март, пренесува Гласот на Америка.
- Неговата посета ќе ја потврди посветеноста на САД кон земјите од Западен Балкан додека тие се стремат кон евроатлантска интеграција и подлабока регионална соработка, се вели во соопштението од Стејт департментот.
За време на посетата на Белгија, Ескобар ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската Унија (ЕУ) Мирослав Лајчак и други претставници на ЕУ и НАТО, за да разговараат за напорите за унапредување на реформите кои ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет во регионот на Западен Балкан.
Во Косово, пак, тој ќе се сретне со косовските владини лидери, граѓанското општество и заедниците на косовските Срби за да ја нагласи континуираната силна поддршка на САД за дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, олеснет од ЕУ, наведува Стејт департментот.