Од утре не чекајте да ви затропа полицаец на врата и да ви ја донесе личната карта дома. Полициската поштенска служба заврши. Документот ќе треба да го подигнете сами во полициската станица во општината каде што сте заведени дека живеете во лична карта, а не во МТВ или БЕКО. Па така доколку живеете во Карпош готовата лична карта можете да ја земете од полициската станица во Карпош, во било кој период од денот, во текот на цела недела. Граѓаните поделени во реакциите за новиот потег на МВР, со кој ќе се обиде да ги растерети гужвите пред пасошко. Најгласни се ракциите на социјалните мрежи.
Министре, а тие лични карти што се направени уште во Ноември, а службата ги има изгубено, па сега веќе имаат проблеми во банки и на други места. Како ќе се реши тој проблем?
Во цел свет едно сликање служи за сите документи кои во моментот ти се потребни, кај нас се сликаш за секој документ поединечно. Да се поедностави постапка, само софтверски се решава проблемот.
Од Министерството за внатрешни работи смируваат, сметаат дека сепак новиот начин на достава ќе има позитивни резултати и ќе ги намали гужвите и нервозата кај граѓаните.
„Што се однесува до пасошите и возачките дозволи тие ќе се подигаат од местата каде што граѓаните се фотографирале, односно во МРТВ или Беко“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Продолжува и кризата со пасоши. Граѓаните се жалат дека по редовна постапка термин има дури во август, а по итна во јули. Достапните обрасци се доволни само за до почетокот на мај, но се очекува набрзо да пристигнат нови за да продолжи динамиката на издавање пасоши, во неколку наврати објаснуваше министерот Тошковски. Според последните официјални информации потребно е да се издадат уште еден милион пасоши.
Тамара Марковска