Десет илјади потписи се покажаа како недостижна бројка за седуммина од потенцијалните кандидати за претседателската трка. Мерсиха Смаиловиќ, како кандидатка на Бошњачкиот демократски сојуз, до синоќа успеа да собере само 2.778 потписи, а независниот кандидат, доктор Вело Марковски 1.635. Незначителен број на потписи имаат и Ѓорѓи Манасков,488, Зорица Цветковска 284 и Господин Поповски 145. Гоце Ристов и Драган Николовски кои почнаа со собирање пред само два дена, стигнаа само до 6 потписи.
Собирањето завршува вечерва на полноќ, но сосема е извесно дека за претседателската фотеља ќе се борат седум кандидати. Две жени, Билјана Ванковска од Левица и Гордана Сиљановска-Давкова од ВМРО ДПМНЕ против петмина мажи, Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари, кандидат на ВРЕДИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Граѓаните ќе избираат меѓу две универзитетски професорки од кои едната е и пратеничка, актуелниот претседател на државата, тројца градоначалници, од кои едниот е и доктор, како и уште еден доктор кој е и актуелен министер.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај.
Партиите деновиве работат и на составување на кандидатските листи за парламентарните избори. Засега е извесно дека лидерите на македонските партии ќе се борат во првата изборна единица, додека за партиите на Албанците се поважни шестата и петтата изборна единица.
Во втората изборна единица на Сања Лукаревска од СДСМ најверојатно ќе и се спротивстави Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ. Во третата изборна единица се очекува Оливер Спасовски да се соочи со Драган Ковачки, додека во четворката се споменуваат имињата на Венко Филипче и Александар Николоски, во петката Јован Митрески и Ѓорѓија Сајкоски, а во шестката Славјанка Петровска и Дафина Стојановска.
Далиборка Демјанска Цветановска