Дури цел месец по прогласување на епидемија на пертусис во главниот град, Државниот санитарен и здравствен инспекторат следната недела ќе започне со вонредните инспекциски контроли на вакциналниот статус на децата. ДСЗИ конечно денес и писмено ја доби одлуката на Министерство за здравство за вонредни инспекциски контроли во градинките и забрана за прием на невакцинирани и делумно вакцинирани деца.
„Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник на 11.03.2024 година со издавање на Решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани со ДТП или се нецелосно имунизирани со ДТП, и други наложени епидемиски мерки. Исто така ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП. Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје“, соопштија од ДСЗИ.
Во меѓувреме, Министерството за здравство прогласува епидемија на голема кашлица на територија на град Скопје заради постоење на опасност заразната болест да се шири и на други подрачја и се наложуваат следните мерки за нивна превенција, сузбивање и спречување:
„Се забранува прием и престој во детски градинки на територијата на Република Северна Македонија на невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцина согласно возраста во Календарот за имунизација. Се задолжува Државниот санитарен и здравствен инспекторат да спроведува вонреден инспекциски надзор во детските градинки на територијата на Република Северна Македонија и да го контролира спроведувањето на мерката, соопштија од Министерство за здравство.
Контроли може да се направат во целата држава без да биде прогласена епидемија на територија на цела држава. Министерството за здравство стои зад оваа одлука со цел спречување на ширењето на ова заразно заболување, стои во дописот на надлежното министерство.
Вакциналните пунктови продолжуваат да работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца и досега вакцинирани се повеќе од 22 илјади лица, се вели во дописот на надлежното министерство.
„Тоа што е поинаку од претходно е што имаме зголемен интерес и во втора смена сега. Значи во текот на вчерашниот ден имавме околу 16 посети, а на дневно ниво се движат околу 40 посети, што сепак не е нашиот стандарден број, нашите бројки се од 20 до 30, значи се уште интересот е зголемен. Во меѓувреме си доаѓаат и други административни потврди за деца што се редовно вакцинирани во градинка, така што се уште работиме со зголемен интензитет“, изјави спец. д-р Сања Цилевска- Младеновска, од вакциналниот пункт „Букурешт“.
7 нови случаи на пертусис регистрираше денес Ценатрот за јавно здравје Скопје.
Нина Стефанова