Жестоки критики од опозицијата за стратешките инвестиции во енергетиката, кои се во собраниска процедура. Власта вели – сега немаме никакви. Подобро тие, отколку производство во капацитети стари повеќе децении. Ковачевски со забелешки и кон експертите.
По бурните реакции во јавноста, владата прво ги повлече, а потоа ги врати во собраниска процедура законите со кои им се даваат државна помош и поволности за изградба на когенеративната гасна централа на грчки Метилинеос, проектот АИМ Грин Тек, и фотоволтаичните централи Стипион и Пехчево.
Генералниот секретар на движењето ЗНАМ, Горан Минчев ги повика пратениците да гласаат против овие закони и да спречат грабеж на граѓаните од 1,2 милијарди евра во наредните триесет години.
- „Стратешкиот инвестициски проекти Митилинеос когенеративна електрана Скопје, и другите три проекти за изградба на фотоволтаични централи, се добро осмислен и бескрупулозен грабеж на буџетот и на граѓаните на Република Македонија во наредните 30 години. Од оваа точка враќање назад нема. Или сега нема да се усвојат овие закони, или граѓаните на Македонија ќе ги полнат џебовите на одредени економски центри на моќ, кои практично ќе станат газди на Македонија“, изјави Минчев.
Според Минчев, со оглед на тоа што се работи за профитабилен бизнис, когенеративна гасна централа треба да изгради државата и со неа да управува државниот производител на струја ЕСМ, наместо да се полнат туѓи џебови.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека овие закони служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ.
„Ќе поднесеме 40 амандмани во кои се вметнати забелешките на низа експерти од разни сфери на општеството, кои доколку би се усвоиле и би се вметнале во овие закони, би гарантирале нормално имплементирање на истите закони. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија ќе ги преземе сите процедурални, демократски и собраниски процедури и можности за да го спречи носењето на овие криминални закони“, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вели дека овие инвестиции ѝ се потребни на државата, за да не зависи од енергетски капацитети стари по неколку децении.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вели дека овие инвестиции ѝ се потребни на државата, за да не зависи од енергетски капацитети стари по неколку децении.
Изјава: Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ
„Законски решенија, посебно законски решенија коишто се однесуваат на стратешки инвестиции, ниту се догма, ниту се аксиома, меѓутоа ѝ се потребни на државата, со оглед на тоа што не сакаме да ни се повторуваат сценарија како во енергетската криза, кога зависиме од капацитети за производство на електрична енергија стари и по 45 години. Дополнително, што и дел од експертите што ги гледаме, и чиешто мислење го почитувам, нивното теоретско знаење го почитувам, бидејќи во пракса никогаш ништо не работеле, дел од нив, не направиле нешто во своите кариери коешто ќе може да ни даде за право дека имаат идеја и имаат визија што треба да се прави“, рече Ковачевски.
Власта смета дека со стратешките инвестиции, Македонија нема да даде пари, а ќе добие стабилно снабдување со струја по цени пониски од берзанските по кои увезува, а Скопјани ќе добијат пониски цени за парно.
Срѓан Стојанчов