Вести Македонија

ЕУ се префрла на воена економија- 44 македонски компании во зделки со НАТО Алијансата во битка за 10,6 милијарди евра

Европската Унија да се престрои во воена економија, предлага францускиот евро-комесар за индустрија. На тој начин би се решил недостатокот со муниција и оружје кој во земјите на Унијата се појави со донациите на нападнатата Украина, но може да се продлабочи и со евентуалната победа на Трамп во Америка. Сличен проблем има и Македонија. Од друга страна, се отвара и голема можност за македонските компании кои може да склучуваат зделки со НАТО Алијансата која само лани за таа цел потрошила над 10,6 милијарди евра.

Војната во Украина и воената помош која од Европа патува за одбраната пред руската агресија ги испразни магацините со муниција и оружје. Поради тоа Европскиот комесар за индустрија Тиери Бретон предлага Европската Унија да ја преструктуира економијата во систем на воена економија која ќе се посвети на поголемо воено производство.

Со предлогот кој е на маса во Европската комисија, земјите членки и сојузниците треба да го зголемат военото производство, но и да ја зголемат набавката заеднички и посебно како држави. Втор предизвик за сојузниците е можната победа на Трамп на претседателските избори во Америка.

Во актуелниот геополитички контекст, Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност без разлика на исходот од изборите кај нашите сојузници секои 4 години“, истакнал Бретон кога го презентирал предлогот за премин од мирнодопска во воена економија.

Македонија има сличен проблем, но нема воена индустрија освен еден приватен комплекс за производство на муниција, па според министерката Славјанка Петровска, решението е во соработка со сојузниците и инвестиции во домашно производство.

„Свесни сме за овој предизвик. Но, исто така сме свесни дека инвестициите во одбранбената индустрија се како да кажам предизвикувачки и оттука на домашните компании кои ќе сакаат да инвестираат во овој значаен сегмент за одбраната на државата, меѓутоа и на НАТО Алијансата, ние сме подготвени и да им дадеме поддршка,согласно законот.И веќе вицепремиерот за економски прашања го организира и менаџира тој процес заедно со директорот на Управата за наменско производство“, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана.

Петровска ова го кажа по отворањето на НАТО индустрискиот ден кога обелодени дека 44 македонски компании изразиле интерес за соработка со Алијансата и со набавките на НАТО сојузот.

Станува збор за голема финансиска можност за фирмите од Македонија во сите сектори, а фирми од Македонија веќе оствариле и директна соработка, истакна генералната менаџерка на Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО, Стејси Камингс.

„Во 2023-та ние доделивме договори во вредност од 10,6 милијарди евра. Ние даваме поддршка во областа на аквизиции што значи ја разгледуваме следната генерација на системи за одбрана и за поддршка на Алијансата, одржување на системите кои земјите членки веќе ги имаат обезбедено и се разбира поддршка. Давање на поддршка во поглед енергија, струја, храна и сето тоа што е потребно на силите за оддржување на вежби и за оддржување на ставот за одвраќање и одбрана“, истакна Стејси Камингс, генерален менаџер на Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО.

Особен интерес, НАТО покажува и за набавки и зделки во областа на информатичката технологија и безбедност поради што на денешниот собир имаше и голем број на претсавници од оваа индустрија, но и факултети и универзитети од Македонија.

Миомир Серафиновиќ

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонскиот фолклор инспирација за дуо „BudaPesme“ од Будимпешта

Дејан Дејан

„Макпетрол“ организира „Крени глас“ работилници за родителите од Охрид и Струга

Дејан Дејан

Политички пораки и славенички фрази од Ахмети – лидерот на ДУИ се обрати пред чаирчани, на 23-годишнината од формирањето партијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе