Седум нови случаи на пертусис во Скопје, најголем број се во општините Аеродром и Карпош, расте бројот на заразени и во Гази Баба, најмалку случаи има во Центар, велат од Центарот за јавно здравје- Скопје. Сепак според доктор Љуљзиме Бајрами бројот на заболени со пертусис е многу поголем, но родителите не ги тестираат навремено своите деца, за да имаме јасна слика. Во општина Шуто Оризари се уште нема ниту еден случај на пертусис, каде е највисок процентот на вакцинација. Вакциналните пунктови по препораките на Комисијата за заразни болести продолжуваат да работат во две смени и во сабота од 8 до 14 часот.
За само една недела имаме околу 550 вакцинирани дечиња, што е четирикратно повеќе од претходно, поточно пред да се донесат препораките. Секако треба уште повеќе, засега сме задоволни со оваа бројка, но бројката на вакцинирани треба да продолжи и во иднина за да го постигнеме тој колектовен имунитет кон кој се стремиме, изјави д-р Бети Гелејчевска – Илкоска од вакицналниот пункт во поликлиника „Букурешт“.
Вакциналните пунктови веднаш по препораките на Комисијата за заразни болести почнаа да ги следат насоките, додека Министерството за труд и социјална политика и Државниот санитарен инспекторат се уште чекаат насоки од Влада и покрај тоа што беше јасно посочено од истата Комисија и од актуелниот министер за здравство во техничката влада Демири дека Центарот за јавно здравје Скопје во даденава ситуација прогласува епидемија.
Министерството за труд и социјална политика нема добиено заклучок од владата во врска со прогласената епидемија на територија на град Скопје. Инспекторите од секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заптита и заштитата на децата при МТСП врши редовни надзори и укажуваат на законската обврска за почитување на досиеата на децата за здравствената состојба. Надлежност на секој радоводител на институција ( градинка ) е да ја почитува и да постапува по законската регулатива за прием и престој на дете во предучилишна установа, порачаа од МТСП.
Во меѓувреме и покрај загрижувачкиот раст на нови случаи со голема кашлица градинките само побараа родителите да ги ажурираат вакциналните картони на децата, но како што велат немаат право да ги вратат децата кои се невакцинирани или делумно вакцинирани, што воедно беше препорака на Комисијата за заразни болести за да не се соочиме со уште пострашни бројки на новозаболени. Министерот за здравство Демири им упати порака на родителите дека децата треба да се вакцинираат, па да се вратат во градинка. Доколку не се вакцинирани, родителите треба да размислат како ќе го организираат чувањето на детето.
Нина Стефанова