Абдуш Демири од БЕСА е на чекор до членство во ДИК. По двомесечен застој во постапката, Комисијата за избори и именувања со 10 гласа „за“ и 1 „воздржан“ го назначи за единствен кандидат.
Неговиот против-кандидат, Зулфи Адили од Алијанса, поддржан од Европската народна партија, завчера ја повлече пријавата и веднаш беше именуван за директор на Агенцијата за странски инвестиции.
Државната изборна комисија цела година работи со 6 наместо со 7 члена. Постапката во Собрание се проблематизираше со барањето на Алијанса да го задржи местото во ДИК иако стана владеачка партија, додека Европскиот сојуз за промени инсистираше на својот предлог како втора опозициска коалиција. Највисокиот изборен орган има 7 члена, од кои четворица се бираат по предлог на власта а тројца се предложени од опозиција. Поради проблематизирање на овој принцип, Европскиот сојуз за промени од декември ја бојкотира работата на Собранието.
В понеделник на собраниската координација ќе биде договорено кога оваа точка ќе биде ставена на пленарно изјаснување. За предлогот Абдуш Демири да биде седмиот член на ДИК – треба да гласаат најмалку 80 пратеници.
Соња Николовска