Државата до пред две години издаваше лични документи со старото уставно име иако Преспанскиот договор повеќе од пет години е на сила.
МВР знаело или требало да знае дека документите треба да ги издаде со новото име, вели адвокатот Глигор Ќатоски.
Тој поднесе барање до Уставен суд за заштита на слободите и правата.
Според адвокат Ќатоски, ова е само еден од начините на кој граѓаните можат да го зачуваат своето достоинство, по хаосот кој настана со промената на личните документи.
„Во овој контекст, загрозеното право на коешто се повикуваме е членот 27 од Уставот, односно правото за слободно движење на територијата на државата, но и слободно напуштање на територијата и враќање на истата. Со тоа, ставени сме во понеповолна состојба односно сме дискриминирани, во споредба со граѓаните коишто извадиле пасош со новото име. Тие ги поминале истите постапки коишто и ние сме ги поминале, Но, заради неажурноста на надлежните институции сме добиле лични документи со старото име“, вели Глигор Ќатоски, адвокат.
Професорот од Правниот факултет, Денис Прешова, се повикува на одлука на Уставен суд од 2014 година, која се однесувала на почитување на обврските од меѓународни договори, за безвизниот режим и миграциските правила.
Прешова смета дека и во оваа ситуација има сериозни елементи за покренување постапка пред Уставниот суд, поради непостапување на државните органи за исполнување на условите за спроведување на Преспанскиот договор.
„Тие законски одредби, а сметам дека и оваа законска одредба за измена на Законот за патни исправи од 2021 апсолутно не е неопходна и е тотално непропорционална бидејќи по автоматизам оневозможува лица без новите документи да ја напуштат државата. Во конкретниот случај говориме за патните исправи. Нашите власти одлучија да нѐ затворат на овие речиси 26 илјади километри квадратни“, кажа Денис Прешова, Професор по Уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при УКИМ, во вчерашната „Топ Тема“ на Телма.
Телма се обрати до канцеларијата на Народниот правобранител, а оттаму во одговор велат дека по сопствена иницијатива ќе оформат предмет.
Владата да ги рефундира и оние граѓани кои веќе ги платиле возачките и сообраќајните дозволи, порачува Омбудсманот.
„Најпрво ќе провериме зошто граѓаните не можат да си ги подигнат документите, иако одамна изминал рокот за тоа. Исто така, ќе пратиме допис до Владата веднаш да најде решение за рефундирање на средствата на граѓаните кои веќе ги платиле возачките и сообраќајните дозволи. Ние не сме орган на прогон односно немаме такви инструменти на располагање. но, секој граѓанин кој смета дека во овој процес му е повредено некое право, може да се обрати до Народниот правобранител. Тој ќе дејствува во рамките на своите законски надлежности“ ВЕЛАТ ОД Канцеларијата на Народниот правобранител.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува граѓаните да ја тужат државата за повреда на правата.
Сегашната состојба каде речиси половина од граѓаните немаат нови патни исправи и нема изглед дека наскоро ќе ги добијат, е директна закана по остварувањето на правото на слободно движење, додаваат од Хелсиншки.
„Ненаоѓањето на законско или друго решение за излез од оваа состојба со невалидноста на патните исправи може да има сериозни финансиски импликации за државата. Повредата на правото на слободно движење, на граѓаните им дава многу цврста основа да ја тужат државата за повреда на нивните права и да ги добијат тие постапки во нивна корист“ велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Обвинителството да истражува и да се вратиме неколку години наназад, за да дојдеме до одговори околу причината за ова што денеска нѝ се случува, повикуваат и други експерти од правната фела.
Петар Догов