Вести Македонија Најважни

Претседателска ложа за новинарите кои прославуваа со ДУИ

Додека бројните новинарски екипи се гужваа во преполната галерија за време на изборот на техничката влада, четворица познати новинари од Албанија и од Косово, кои екстензивно и со нескриено задоволство известуваа за изборот на прв премиер Албанец во Македонија, седеа во претседателскиот дел на галеријата, без никој да им дише во врат.

ЗНМ бара објаснување од надлежните зошто познатите новинари од Албанија и од Косово вчера имаа привилегиран третман, за разлика од останатите новинари – домашни, но исто така имаше и од регионот.

Во претседателскиот дел седеа новинарите Берат Бужала, Батон Хаџиу, Бленди Февзиу и Адриатик Келменди – познати и добро платени новинари од Косово и од Албанија.

Тие столчиња се резервирани за претседателот на Државата и членови на неговиот кабинет, ако одлучат да следат некоја седница.

Порталот ПорталИкс објави дека тие биле донесени во Собранието со владино возило и оти биле во тесна координација со министерот Артан Груби.

„Со ваквите постапки се прави преседан кој може да остави впечаток дека некој е привилегиран за сметка на друг во новинарската фела. Ваквиот третман во најмала рака ги омаловажува останатите новинари и создава перцепција дека се влијае на странските новинари да известуваат во полза на домашните чинители од политичките партии во Собранието“, реагираат од ЗНМ.

Собранието, пак, одговори дека не станува збор за привилегирање или непринципиелен третман.

„Поради зголемениот интерес на претставници од домашните, но и од странски медиуми, кои уредно беа акредитирани до 26 јануари годинава, беше увидено дека интересот за следење на пленарната седница е значително зголемен во однос на вообичаената пракса, поради што го ставивме на располагање целиот капацитет на галеријата“, соопшти денеска Собранието.

Сепак, собраниското обезбедување го премести известувачот на Телма од седницата, кој се обиде да седне зад албанските новинари во дипломатскиот дел.

Познатиот албански новинар Бленди Февзиу, ја пофали вратоврската на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на која пишува премиер Албанец и денешниот датум.

На социјалните мрежи се појавија реакции дека првиот премиер Албанец се слави до српска вратоврска – од познатиот српски бренд Марушка.

Адриатик Келменди од ТВ Клан ја почна репортажата за изборот на Талат Џафери уште од неговиот дом во гостиварско Форино.

Берат Бужала е сопственик на Газетаекспрес и поранешен пратеник во косовското собрание од Демократската партија на Косово на Хашим Тачи. Во студија на Европскиот парламент од 2021 година, Газета експрес е посочен како еден од клучните канали за дезинформации во Косово.

Бленди Февзиу е еден од најпознатите новинари и водители во Албанија.

Батон Хаџиу е познат новинар и аналитичар од Косово и од Албанија.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Во ребалансот на буџетот е предвидено покачување на пензиите

Дејан Дејан

Периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, почнуваме да генерираме раст – Мицкоски за македонската економија

Дејан Дејан

Два автомобила со материјали и полициска придружба – транспорт на предметот за пожарот во „Пулс“ на пат од Кочани кон Скопје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе