Вести Македонија Најважни

Прво брифираше, а потоа ретерираше – „ќе поднесам оставка, но ако некој ми каже во очи дека законите се поврзани со моето име“ вели министерот Алиу

Најпрво најавуваше, а потоа делумно ретерираше министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, по информацијата дека тој има намера да ја напушти министерската позиција.

Пакетот европски закони за реформи на јавната администрација, за дигитализација и за медиуми, за малку ќе го „раситнеше“ владиниот кабинет, пред колективните оставки и преодот кон техничка Влада.

Претходно, Телма објави дека причина за Алиу да размислува за повлекување е тоа што СДСМ и ДУИ одбиваат да ги стават на собраниска агенда и да го поминат пакетот закони со европско знаме.

  • „Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзуваат лично со моето име, јас ќе поднесам оставка денес и веднаш. Досега, на мене ми е кажано дека овие закони не се во постапка заради причини во кои јас лично не верувам. Но, ако тоа се докаже јас ќе поднесам оставка пред мојата политичка партија, ќе барам таа да биде усвоена, а потоа ќе поднесам оставка и до Владата“ изјави министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу. 

Станува пракса законите да поминуваат на Влада, а потоа да заглавуваат во Собрание, вели Алиу и додава дека не може да има систем ако истиот зависи од индивидуи и нивните желби. На пакетот закони се работело во изминатите единаесет месеци колку што е на позицијата министер.

Одложувањето на донесувањето на законите ја попречува неопходната реформа, а Македонија презеде обврска тоа да го направи во согласност со законската регулатива на ЕУ.

Откако медиумите ја објавија информацијата дека министерот размислува да ја напушти позицијата поради блокада на пакетот европски закони – на веб-страницата на Собранието експресно се појавија четири законски решенија на собраниската агенда.

Станува збор за Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација.

Но, меѓу нив не е и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој помина прво читање во Собранието, но повеќе месеци е заглавен пред Комисијата за европски прашања со која претседава пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми, кој не закажува седница на комисијата за овој Закон.

Министерот Алиу одби да потврди или да демантира дали ТВ Алсат е медиумот поради кој се блокира Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а со тоа и целиот пакет европски закони.

  • „Прашање: „Министре може ли да откриете која е телевизијата заради која што се блокира Законот за медиумите и дали е точно дека станува збор за телевизијата Алсат, бидејќи ние како медиумски куќи имаме информации, па вие го потврдувате ова или не?“
  • Не е блокиран еден закон туку сите закони се блокирани. Тука се и законите поврзани со јавната администрација и законот поврзан со дигитализацијата на јавната администрација и на процесите во државата. Значи јас не можам со шпекулации да тврдам тука дека има некоја причина. Да ги знаев причините најверојатно немаше да има потреба да направам прес-конференција туку ќе седнев со колегите во Влада и во Собрание и ќе разговаравме. Реално и искрено не ги знам причините за ниеден закон зошто се заглавени“ одговара министерот Алиу. 

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој има и европско знаменце треба да ја спречи енормната пиратерија на канали од регионот и други странски канали, со што се прави директна штета и на корисниците, но и на телевизиите и на кабелските оператори.

Со носење на овој закон треба да се регулира и телевизискиот пазар според комерцијални принципи. Ваквото законско решение треба да помогне во унапредување на правата на медиумските работници.

Со законот за аудиовизуелни медиумски услуги треба да се регулира и правото за емитување кампањи од јавен интерес, особено од областа на здравствената заштита.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Остра реакција на Мицкоски за извештајот во Европскиот парламент

Дејан Дејан

(ВИДЕО) Нов пожар во близина на Скопје, гори кај Смилковци- очевидец пријавил на полиција дека видел како е подметнат

Дејан Дејан

Тошковски за пожарите: Се разгледуваат сите опции и сценарио кое би можело да има друга позадина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе