Помина и 15 јануари, а вработените во ЈСП- Скопје сè уште не ги добиле платите за декември. Причина за тоа се неизгласаните субвенции од советниците во Град Скопје за ЈСП, во висина од 11 милиони евра, на годишно ниво. Револтирани поради тоа, синдикатите од ЈСП ги замолија 45 советници во Град Скопје и покрај тоа што започнува продолжен , празничен викенд, да се соберат и да ги изгласаат субвенциите, за да земат плати.
- Доколку тоа не се случи, вработените во ЈСП се на јасно: Во понеделник на 22 јануари 2024 година , јавен превоз во градот Скопје ќе нема. Единствено може да се случи во договор со раководниот кадар на ЈСП и во договор со вработените, да одлучиме на линија да одат оние автобуси кои ќе ги превезат децата, затоа што им почнува првиот училишен ден, вели Миќо Стојановски, претседател на Синдикална организација на ЈСП при ССМ.
За штрајкот во понеделник вработените добиле поддршка од раководството на ЈСП. Велат, иако чекале да бидат изгласани субвенциите од Советот на Град Скопје, советниците тоа не го сториле и им прават проблеми, како сега, така и во минатото.
- Чекавме до вчера да донесат одлука советниците. Меѓутоа најголемиот проблем го имаме од нив. И 2022 година истите советници ни правеа проблеми со субвенциите. И оваа година тие продолжуваат исто. Ние сме тие, овој народ е тој што нив ги изгласал. А, тие си играат со нас, вели Африм Муча, претседател на Независен синдикат на возачи.
Во октомври 2022 година , автобусите на ЈСП, не возеа половина ден поради доцнење на септемвриската плата. Поради милионски долг од Град Скопје кон приватните превозници, ни тие не возеа со месеци. А, и сега се засегнати од неизгласаните субвенции.
Иако побаравме, за сега нема одговор од Град Скопје дали ќе го решат до понеделник проблемот со платите и субвенциите за вработените во ЈСП.
Сотир Трајков