Бројката новозаразени со грип постојано расте, а здравствените експерти во дилеми дали маските ќе спречат ширење на болеста или не. Претседателката на Здружението на приватни матични лекари Чолакова со повик да не се крева паника и граѓаните добро да се информираат како да се заштитат. Занемарување на симптомите и лекување на своја рака може само да ја влоши состојбата.
„Има моменти кога некогаш некои пациенти биле болни и не ги испиле до крај антибиотиците, им останале по неколку таблетки па при нова зараза сами почнале да ги пијат повторно на своја рака. Како професионалец апелирам тоа да не го прават туку да се слушнат со својот матичен доктор и да дојдат на преглед“, изјави д-р Лидија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.
Иако само за една недела има повеќе од 1.000 заразени со грип, пикот на заразата се очекува да биде наредниот месец. Доктор Чолакова не верува дека маските ќе дадат ефект.
„Нема потреба од носење маски затоа што и самите маски кај некои пациенти предизвикуваат кашлица. она што го издишувате и го вдишувате. Грипови постоеле и претходно пред многу години и не се носеле маски. тоа е периодично и поминува. Најважно е пациентот да биде во чиста средина, да излегува во природа. Треба повеќе да се внимава на имунитетот со внесување на течности“, додаде доктор Чолакова.
Сезонава починаа шест пациенти од грип, сите беа невакцинирани и со други болести. 45-годишна жена е шестиот пациент кој влезе во црните статистики. Во моментов бројката на хоспитализирани пациенти со грип е двоцифрена. По долго време Комисијата за заразни болести се состана, не донесе мерки туку само препораки и тоа маските да бидат задолжителни во болниците и домовите за стари лица и забрана за посети.
Тамара Марковска