Европската комисија идниот месец ќе ги презентира своите идеи за реформирање на Европската унија, во контекст на нејзиното подготвување да биде Унија на 30 и повеќе земји-членки. Ова денеска во Европскиот парламент го соопшти Урсула фон дер Лајен, која зборувајќи за пристапниот процес на Украина, но и за давањето на кандидатски статус на Грузија и Босна и Херцеговина и потврдувањето на европската иднина на сите земјите од Западниот Балкан на последниот Европски совет, рече дека паралелно со сите овие процеси и Унијата мора да ги спроведен внатрешните реформи.
„Како Унијата од 30 и повеќе земји ќе функционира во пракса? Само ние, внатре во Европската унија, може да го одговориме ова прашање. Оваа куќа (Европскиот парламент) веќе даде смели идеи за реформа на нашите Договори. Идниот меец Европската комисија ќе ги презентира своите идеи на Европскиот парламент и Советот, во пресрет на лидерската дискудија организирана од белгиското претседателство“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Фон дер Лајен зборувајќи пред европратениците посочи дека две крвави војни се водат на надворешните граници на Унијата и во нејзина непосредна близина чии последици се чувствуваат многу подалку од Украина и Појасот Газа. Според неа, поделбата и стравот владеат во моментов со светот, затоа е потребно Унијата да преземе одговорност во своите рамки за да може да се соочи со тешките предизвици кои претстојат.
Претседателката на Европската комисија ја повтори политичката волја изразена од лидерите на ЕУ на последниот Европски совет да и се помогне на Украина колку што е потребно, велејќи дека се подготвува преговарачката рамка за неа, пристапните преговори, стартува процесот на скрининг, но оти е потребно Украина и финансиски да се поддржи, но и земјите од Западен Балкан.
Тамара Грнчароска