Во второто полугодие од минатата година, најредовен на собраниските седници бил спикерот Талат Џафери, а најотсутен Изет Меџити. Џафери присуствувал на сите 89 заседанија, покажува Извештајот на билтенот „Мојот пратеник“. За разлика од него, претседателот на Демократското движење Изет Меџити само еднаш дошол на седница, а не поднел ниту закон ниту амандман ниту пратеничко прашање. Билтенот регистрира ретко присуство и на другите претседатели на партии: Африм Гаши дошол само 20 пати, Али Ахмети 27, Мендух Тачи 31, Скендер Реџепи 25 пати, а поредовни биле Маја Морачанин со 61 доаѓање, Моника Зајкова со 67, Димитар Апасиев со 72 итн.
Јован Митрески, кој наредната недела треба да стане претседател на Собранието, отсуствувал од 14 седници а потпретседателот Горан Мисовски само од една.
Сите отсуства се заведени како оправдани, така што не може да се очекува намалување на плата или некоја слична мерка за недоаѓање на работа или неактивност во предлагањето, расправата и гласањето. Собранието нагласува дека овие податоци имаат само информативен карактер.
Соња Николовска