Македонскиот дипломатски синдикат најостро ги осудува квалификациите за наводна албанофобија или албанохистерија, по повикот на синдикатот за зачувување на професионалните дипломатски стандарди во министерството. Синдикатот бил и ќе продолжи да биде последниот бедем за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба, пишуваат од таму.
Додаваат дека дека бројот на членови на дипломатскиот синдикат континуирано се зголемува, а членуваат дипломати од сите етнички заедници. Македонскиот дипломатски синдикат реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на законот за надворешни работи или за крајно спорни решенија за кои реагираше и целокупната јавност.
Од синдикатот реагираат што на позицијата генерален конзул во Њујорк, која е функција на ниво на амбасадор се праќа аташе. Од синдикатот остануваат на ставот дека еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на Мухаби Синани на местото генерален конзул во Њујорк.
Тој од скоро е вработен во МНР од приватна фирма и не исполнува услови за упатување во странство, пишуваат од синдикатот. Според информации на синдикатот, тој оваа недела треба забрзано да полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, за неговото упатување да биде приспособено на законските барања.
Од МНР велат дека високото дипломатско звање некогаш било услов, но со законски измени веќе не е, и ги оценија реакциите на синдикатот дека има елементи на етничка дискриминација.