9-те членови на судскиот совет кои ја разрешија Весна Дамева од претседателската позиција во мај постапиле спротивно на законот, примениле постапка која не е предвидена во законот, стои во пресудата од 7 страници на Управен суд со која ја поништува одлуката на највисокото судско тело.
-Судот најде дека истата е незаконита поради повреда на правилата на постапката, односно од причина што оспорената Одлуката содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот, стои во одлуката У-5 бр.618/2023. на Управниот суд.
Тужбата на Весна Дамева е прифатена иако тужениот, Судскиот Совет се бранел со старото образложение дека иако постапка не била предвидена, не била ниту забранета со законот, па затоа биле креативни и ја разрешувале Дамева преку член на закон кој регулира дневен ред и носење одлуки на седници на Судскиот Совет. Тоа дури го навеле во својот одговор на тужбата.
-Во Законот за судски совет (Сл.весник на РСМ бр.102/19) од страна на законодавецот не е предвидена одредба со која се регулира начинот и постапката по однос на разрешување на претседател на Советот, ниту било предвидено правно средство против ваквата одлука, а одлуката за разрешување во конкретниот случај била донесена согласно член 38 ст.8 од Законот за Судскиот совет, навел Судскиот совет во одговорот на тужбата на Дамева.
Сепак Управниот суд ги отфрлил овие објаснувања на судскиот совет кој е задолжен да ги надзира сите судии како го применуваат законот, но избрал да не го применува кога колегите решиле да ја разрешуваат Дамева.
-Судот најде дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, стои во одлуката У-5 бр.618/2023. на Управниот суд.
Според напаствијата на Управниот суд, за да се разреши претседател на Судски совет, мора да се отвори дисциплинска постапка како за член на Советот. Доколку се утврди прекршување на законите од страна на претседателот, треба потоа таа или тој да се разреши од членство во Судскиот совет.
Но, таборот, предводен од Селим Адеми, со поддршка на сегашниот претседател Сашко Ѓоргиев и уште седум членови решиле во брза постапка да ја елиминираат Дамева- незаконски, со што сега им преостанува да се соочат со личната одговорност поради непочитување на законите.
Миомир Серафиновиќ