Лицата над 65-годишна возраст задолжително треба да ги почитуваат мерките што ги даваат здравствените работници: да останат дома без да излегуваат непотребно, доколку мораат задолжително да носат маски со докажана ефикасност (KN 95 и FFP) кои ги носевме и за време на пандемијата со ковид. Во вака екстремно загаден воздух кај оваа возрасна група се зголемува ризикот и од инфаркт и од мозочен удар.
„Кај овие лица над 65 години се под особен ризик, затоа што се зголемува смртноста и најголема смртност се забележува точно во таа ризична група 65 или мали деца, особено новороденчиња и деца кои се доенчиња. Кај лицата над 65 се зголемува и вкупната смртност, особено смртноста од мозочен удар и од инфаркт што значи дека тие се под највисок ризик. Најголем дел од тие што починуваат тоа се 17 до 18%, покажуваат нашите истражувања, починале заради загадениот воздух кој што ние во моментов го имаме тука во Македонија“, изјава проф. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје.
Ризични групи се децата под петгодишна возраст, новороденчињата и доенчињата, луѓето со низок социо-еконимски стандард, луѓето кои работат на отворено, градежните работници, полицајците и комуналните служби.
Во меѓувреме Скопје, Битола, Куманово и Тетово се најзагадени градови во Македонија. Според анализите на Министерството за животна средина 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, но секако и од јавни институции кои не користат еколошки системи за затоплување и таму се интервенира.
„Мапирање на општините го правиме веќе година дена. Добиваме добри информации во моментов од општините. Од сите? – Од сите. Најверојатно беше до пристапот и имаме одговор од општините. Во минативе три години помогнавме и со катастри во кои се идентификуваат нивните загадувачи и финансиски им помогнавме со планови за воздух“,изјава Каја Шукова, министерка за животна средина и планирање.
Светската здравствена организација пред неколку месеци го сведе ризикот на изложеност на луѓето на П.М 2,5 на најниско можно ниво, максимум 5 микрограми на метар кубен воздух, додека во Македонија имаме концентрација на честички П.М 2, 5 од 20, 30 микрограми во просек на годишно ниво.
Нина Стефанова