Пресудата на Управен ја врати Весна Дамева на претседателското столче по осум месеци од незаконското разрешување. Токму оваа одлука Дамева ја нарече првиот чекор кој влева надеж дека правдата е достижна и почеток на враќање на довербата во судството.
Разрешувањето, според Дамева, е еден од немилите настани кои се случија во Советот во 2023 година, но таа се надева дека во 2024 година сите членови на судски ќе најдат начин да ја санираат состојба. Не очекува колегите кои беа против неа сега да ја опструираат работата на судски совет.
За неа не е доведен во прашање легитимитетот на судскиот совет, бидејќи не сите членови гласале за незаконската одлука за нејзино разрешување.
„Најважна е моралната одговорност на секој од нас. Секој од членовите ако смета дека направил каква било повреда, гласал од кои било причини, или при самото гласање сметал дека гласа незаконито во тој случај останува на неговата совест“, изјави Дамева.
Дали можат да бидат оспорени одлуките потпишани од Сашко Георгиев, Дамева не очекува да има дилеми, бидејќи судски е колективно тело кое заедно носи одлуки, но, сепак, не исклучи дека и ова прашање ќе се анализира.
Георгиев, кој со верба во Бога, во себе и во колегите, го почна мандатот пред осум месеци, денеска си даде оставка од претседателската функција, со порака дека дал сè од себе и бил баланс меѓу колегите. Потенцираше дека работеле во амбиентот на критики, а ја спомена и оценската мисија на ЕУ.
„Сме можеле и многу подобро, но останува времето да покаже како сме работеле. Очекувам дека Советот ќе продолжи да работи и да се носи со сите предизвици во иднина“, порача Сашко Георгиев, поранешен претседател на Судски совет.
Уверуваше дека немал никакви притисоци и влијанија во работењето. Оставка си дал, иако управен не го спори неговиот избор, туку само разрешувањето на Дамева.
„Со оваа пресуда е поништено разрешувањето на претходната претседатлека, а избраниот претседател од 4.5.2023 година е во сила и не е поништен овој избор“, додаде Георгиев.
Но, од коалицијата „Сите за правично судење“ не се согласуваат со него. По одлуката на Управен велат дека нејасно е како Советот констатираше престанок на мандат на Георгиев кој се смета дека никогаш не започнал да тече.
„Ништовноста на одлуката за разрешување, ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓудругото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател“, стои во реакцијата од невладината.
Денешната итна седница следуваше по тричасовниот колегиум во судски на која ја анализираа пресудата на Управниот суд.
Елена Ивановска Мукоска