Во Новата година со стари се уште ненадминати проблеми. Скопје повторно меѓу десетте најзагадени градови во светот. Во тек е зимскиот распуст на основците и средношколците, па лекарите со апел за што помала изложеност на децата на загадениот надворешен воздух, со надеж дека ќе се намалува бројот на хоспитализации.
Викендов на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје имаше зголемен обем на работа.
Амбулантски во просек имало околу 150 прегледи за 24 часа и околу 10 приеми во просек за 24 часа. Доминираат респираторните симптоми, се уште изолираме РСВ и инфлуенца, бидејќи сме во сезона на инфлуенца. Доминираат симптомите од горните дишни патишта, кашлица, покачена температура, но кај некои деца има симптоми на гастроентероколит повраќање и течни столици, ни изјави директорката на Клиниката за детски болести доц. д-р Валентина Цвејкоска – Чолаковска.
Лекарите со апел да се искористи сонцето и чистиот воздух на планина. Што помалку групирање и дружење и покрај тоа што се празници, личната хигиена да биде на високо ниво, здравата храна, свежиот зеленчук и овошје секогаш да бидат дел од нашето мени.
На Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле за време на Новогодишната ноќ имало и до 200 прегледи. Најголем број пациенти се на возраст до две години.
Кон крајот на декември во Скопје стапија на сила препораките и мерките поради зголемената концентрација на ПМ 10 честички.
Министерството за животна средина и Министерството за здравство со препорака работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт, лицата со мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Нина Стефанова