Феит Фаблаб е уште една од низата на преземени активности на нашиот факултет. Станува збор за лабораторија која што е кофинансирана од Фондот за иновации и технолошки развој и за првпат оваа година Феит Фаблаб беше активно вклучен во организација на студентската програма „Inovation and smart, anything, everywhere“, истакна проф.д-р. Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во денешното издание на „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Inovation and smart, anything, everywhere е иницијатива што ја започнавме некаде во 2019 година, со намера да поттикнеме интердисциплинарни студиски проекти од студентите на различни факултети на нашиот универзитет. Едноставно сметаме дека модерното време носи интердисциплинарни проблеми, односно се бришат границите меѓу различни научни области, така што идејата е да се отвориме кон сите студенти, кон сите единки на универзитетот, да видиме какви проблеми постојат во современиот свет и да видиме како заеднички можеме да ги решаваме. Иницијативата е одлично прифатена од студентите. Веќе имаме три успешни изданија. Една година прескокнавме поради пандемиските услови, меѓутоа секоја година имаме надградба на учесниците и, соодветно, надградба на ресурсите што ни стојат на располагање“, вели Атанасовски.
Како што истакна Атанасовски, најпрво започнала како иницијатива од Центарот за трансфер на технологии и иновации ИноФеит, за подоцна да биде вклучено универзитетското студентско собрание кое овозможува поголем пристап до студентите од универзитетот, за оваа година да биде, навистина, круна, бидејќи Феит ФабЛаб, како главен покровител на иницијативата, фактички обезбеди големи лабораториски ресурси што се искористија за изработка на студентските прототипови.
„Мене ми е многу мило што соработуваме со голем број на единки од универзитетот. Имаме навистина интересни проблеми од различни области кои што воглавно ги решаваме со „know how“ од нашиот факултет и придонесуваме кон развој на студентски прототипови кои што понатаму можат да преминат дури во стартапи, во бизниси, во комерцијализации и слично. Во претходните едиции имавме случаи во кои што дел од тие проекти мги поддржувавме преку разни други иницијативи, разни други ги менториравме и ги носевме до фаза да носат комерцијален продукт. Нашиот ИноФеит е дел и од нешто што се нарекува University start-up world cup. Секоја година сме членки, така што универзитетски идеи кои прераснуваат стартапи се поддржани да се натпреваруваат на глобално ниво. Се трудиме да бидеме на оној чекор на кој академска технологија можеме да ја трансферираме кон нови или постоечки иновативни компании за развој на нови продукти“, додаде Атанасовски.