Дваесетина ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола, со нивниот професор по македонски јазик, Никола Трајковски, го одржуваат утринскиот колегиум во Младинското радио. Ова се последните подготовки за нивниот новогодишен поткаст кој го нарекоа „Средношколски муабети“.
„Јас сум Ана Спасевска, добредојдовте во уште една епизода на нашиот поткаст, средношколски муабети“.
Во време кога се затворија голем број радиостаници, овие средношколци им пркосат на негативните трендови во медиумите и повеќе од една година со ентузијазам работа на овој медиумски проекти. Од лани во октомври, преку обуки и практични вежби, создадоа 25 поткасти, а втората сезона ја почнаа уште поамбициозно. Засега ова интернет радио го има на Јутјуб и социјалните мрежи со теми кои, секако, се во фокусот на средношколците.
„Голема е заинтересираноста од страна на нашите соученици кои нè поддржуваат. Многу се трудиме во она што го работиме и мислам дека се движиме во една нагорна линија“, вели 17-годишната Теодора Марковска, ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Професорот Трајковски вели дека целта им е да дадат свој придонес за правилна употреба на македонскиот литературен јазик во медиумите, а учениците учат убаво да се изразуваат и да бидат креативни.
„Тоа беше една од причините зошто го почнавме ова радио, за јазикот да се користи така како што треба. Во медиумите слушаме се повеќе различни дијалекти, а токму таму не треба тоа да се случува“, вели Никола Трајковски, професор по македонски јазик во гимназијата „Јосип броз Тито“ во Битола.
Во морето од лажни вести на интернет, гимназиското радио е можност за медиумска писменост на средношколците.
„Првите работи кои ги работевме беа токму тоа, лажните вести како да ги препознаме, како да се заштитиме и како ние да не го повториме тоа. Ние ќе се профилираме како медиум да не препознаваат по тоа што ќе бидеме медиум со релевантни информации“, вели Трајковски.
Гимназијалците се гордеат што се гласот на нивната генерација, а стекнуваат и животно искуство.
„Овој проект не е само забава. Значи многу повеќе, затоа што можеме многу да научиме. Овие говорни вештини, снаоѓање во тие прашања, можат многу да ни помогнат во животот да се снајдеме во одредени ситуации“, вели Ана Спасевска, ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола има долга традиција и претставува синоним за квалитетно образование, од чии клупи излегле плејада успешни и познати личности. Заложбите на училиштето се покрај формалното, учениците да се стекнат и со неформално образование, посебно за теми кои се малку застапени во образовните програми, како што во случајот е медиумската писменост за средношколците и младите.
Емилија Мисирлиевски