Одлуките на судскиот совет се колективни и легитимни, но потписот на решенијата на претседателот Сашко Георгиев паѓаат во вода. Ова се првичните заклучоци на правниците по најавата дека Управниот суд донесе пресуда со која смената на Дамева ја осудува за незаконска и очекува таа да биде вратена на позицијата. Тие стравуваат дека сите овие месеци по пучот во советот решенијата со потпис на С.Ѓ. ќе станат ништовни. Колкава ќе биде штетата дополнително ќе се пресметува, вели Дарко Аврамовски од Коалицијата за правично судење.
Образложението и насоките од пресудата сè уште се енигма, барем додека курирот не им ја достави на сите странки. Дамева за Телма вели дека таа во тужбата навела дека советот донел решение за нејзина смена, а затоа немал законска основа, бидејќи во законот за судски совет не е пропишано разрешување од позицијата претседател, освен ако самиот не даде оставка и не му истече мандатот. Таа е уверена дека Управен во целост ги прифатила тие наводи во тужбата. Судскиот совет е воздржан од коментар. Немаат право на жалба и ќе ја почитуваат одлуката, но засега е нејасно кој ќе биде претседател со највисокото судско тело.
„Судскиот совет сè уште не ја добил пресудата и за неа разбра од медиумите. Откако ќе ја добие, ќе ја разгледа и потоа ќе биде ставена на седница. Во зависност од тоа што ќе содржи во неа, ќе се постапи по упатствата на Управниот суд во законскиот рок. На пресудата нема право на жалба“, велат од Судски совет.
Аврамовски, пак, категоричен. Оставка од сите членови на советот е решeнието на сите овогодишни превирања.
Одлуката за разрешување беше донесена на иницијатива на тогашниот потпретседател Селим Адеми, а во таборот што го поддржи и гласаше за актуелниот претседател на Советот, Сашко Ѓоргиев. Постапката против Дамева беше отворена кога пред Судскиот Совет требаше да почне постапка за дисциплинска одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети, затоа што Беџети девет месеци го држел предметот за масовното прислушување „Тврдина Таргет“ во фиока со што беше овозможено предметот против Сашо Мијалков да се приближи до застарување.
Беџети заработи парична казна и задршка од плата, но доколку одлуката на Управен ги поништи потписите на Георгиев, Беџети ќе може да си ги бара одбитоците назад. Дамева тогаш обвинуваше дека постапката против неа е политички мотивирана и незаконска. Поради овие превирања, ЕУ испрати и Оценска мисија која неодамна го заврши извештајот со 40 препораки за реформирање на судскиот совет
Павле Беловски