Донирани возила на државни институции, облека, обувки, храна, учебници и помагала на училишта, опрема и алати на јавни установи вредни стотици илјади евра, продадени запленети станови и возила вредни над еден милион евра кои завршија во Буџетот. Директорот на Агенцијата за запленет имот, Дритон Небиу ги презентираше резултатите од сработеното по неговото назначување на раководната функција во март годинава.
Сто и педесет возила кои беа на плацовите на агенцијата за запленет имот се донирани на државни институции а со тоа се заштедени половина милион евра
Пакети за пет илјади ученици Агенцијата ќе додели на почетокот од наредната година.
Новината е што процесот на уништување на хаварисани возила е со видео запис за секое возило одделно.
Небиу нагласи дека при преземањето на функцијата затекнал плацови на кои не се знаело што има и огромна количина на стока која била оставена да скапе и да се расипе наместо да биде доделена каде што има потреба.
Околу заканите кој пријави дека ги добиваше пред продажбата на имотот на Мијалков, Небиу кажа дека таков проблем веќе нема бидејќи пораката која Агенцијата ја испратила била добро разбрана од сите.
Директорот Небиу апелираше до надлежните институции да се излезе во пресрет на барањата за доекипирање на Агенцијата каде според интерната систематизација недостасуваат четириесетина службеници.
Огнен Чанчаревиќ