Неврохирургот и поранешен министер за здравство Венко Филипче на социјалната мрежа фејсбук сподели информација во која се вели дека тој заедно со неговиот тим успешно спровеле операција на мозок на свесен пациент. Ова е прва ваква операција што се реализира во државава.
Филипче соопшти дека хирушката интервенција е извршена врз млада девојка.
-Операцијата ја изведовме кај млада пациентка која имаше тумор блиску до центрите за говор и движење на десната рака и нога. Предноста на „аwake brain surgery“ е поради неопходната соработка која хирургот ја има со пациентот додека трае операцијата, пишува во својот статус Д-р Филипче.
Дообјаснува дека за да се отстрани максимална количина на тумор без да се оштетат центрите за говор и движење хирургот комуницира со пациентот.
Мозочното ткиво не содржи рецептори за болка, па самиот тек на операцијата е безболен.
-Кај нашата млада пациентка операцијата помина одлично. Туморот е изваден до максималните можни граници и пациентката се чувствува добро. Им честитам на тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и упатувам благодарност до колегата д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград. Драго ми е што моите млади колеги имаа голем интерес и желба да бидат повторно мој верен тим во операционата сала“, пишува Филипче во својот фејсбук статус.