Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да се одржат завршни зборови на обвинетите во случајот „Ласкарци“. Завршни зборови на изминатата расправа даде јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, и бранителите на првообвинетиот, сопственик на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули.
На денешната расправа завршни зборови треба да даде одбраната на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и одбраната на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, кои се товарат за соучество во истото дело.
Обвинителот Дарко Јакимовски во завршните зборови во врска со случајот „Ласкарци“ кој се однесува на несреќата што се случи во 2019 година и во која загинаа 16 граѓани, на минатото рочиште нагласи дека овој настан има своја генеза, развој и епилог и претставува акумулација на голем број пропусти.
Постои цел корпус на безбедносни задолженија и обврски кои овие обвинети во континуитет не ги почитувале. Останува само овие пропусти да бидат казнети, рече тој.
Според него, сите вештаци на кои обвинителството ги темелело доказите, во ниту еден момент не калкулирале со доказите, а во другите вештачења, како што рече, се само препишани пресметките.
Јакимовски: Сообраќајната незгода кај Ласкарци претставува акумулација на голем број пропусти