Легализација за дивоградбите- казни за градоначалниците и градежните инспектори. Ова го предлага пратеникот Скендер Реџепи со новиот предлог закон за постапување со бесправно изградени објекти. Предвидено е да бидат опфатени дивоградбите изградени заклучно со 31 декември 2022 година, а рокот на доставување барања да биде до крајот на 2024 година.
- За мене и за нас како политичка партија важни се само семејствата, бидејќи од нив имаме барања за овие промени и верувам дека треба по наше мислење да има консензус во Собранието, сепак се работи за голем број на граѓани. Меѓутоа, доколку сакаме да санкционираме во иднина слични дивоградби, јас сум за. Тоа треба по стилот морков и стап. Морков за граѓаните, стап за градоначалниците и градежните инспектори од општините коишто се должни секојдневно да вршат надзор на општините за потоа да ја знаат и најмалата промена во било кое семејство, вели Скендер Реџепи пратеник од Алтернатива
Иако официјалните податоци на државниот завод за статистика во 2022 година регистрираат 662 дивоградби, Реџепи смета дека тој број е многу поголем и изнесува 50.000.
Граѓанската иницијатива о2 е против овој предлог закон. Велат против уставно е, a овозможува и легализација на секакви објекти па дури и на оние коишто се наоѓаат во заштитени подрачја.
- Со вакви некои ситни само измени каде што имаме само измени на датумите е комплетно неприфатливо, затоа што си остануваат повторно да се легализираат објекти и згради истанбени згради викендици хотели базени, буквално се и бетонски и асфалнтни бази и се тоа може да биде во заштитени подрачја, во УНЕСКО регионот, заштитени појаси што се на езери и реки“., вели Татјана Чакулев иницијатива о2
Измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти треба да се најдат утре пред пратениците. Уште од кога се најавија, законските измени предизвикаа бурни реакции, затоа што со нив се овозможува и новите дивоградби да се вклопат во урбанистичките планови. Пред две години министерството за транспорт и врски поднесе предлог закон за дивоградби кој беше изгласан од пратениците, но не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски.
Симона Петровска