Припаѓа на бугарско малцинство во Албанија, вакви документи за бугарска националност биле издавани противзаконски од административни службеници во општина Острен во Албанија. Која се наоѓа во граничната област кон Македонија и е на десетина километри од Дебарско Езеро. Скандалот е објавен во синоќешното издание на емисија Фикс Фаре на Топ Ченел Албанија, емисија која разоткрива незаконски дејства со прикриено снимање.
Според информациите објавени во емисијата, за таква услуга се плаќало 10 илјади леки односно илјада евра. Во областа Острен односно Голобрдо каде се издавани овие уверенија за етничко потекло, документите биле издавани на луѓе кои воопшто не живеат во тој дел на Албанија. Во таа област има населени и Горанци кои традиционално се изјаснуваат за Македонци. Најголемиот апсурд е што службениците издавале документи за бугарство иако според законите кои се цитирани на уверенијата, никој во Албанија не смее да издава документи со тврдење за нечија етничка или национална припадност.
Шемата за побугарување на албански државјани беше исмеана и од водителите на емисијата кои го критикуваа националното продавање за илјада евра. Со вакви уверенија албанските државјани “со бугарско потекло” може да бараат бугарски државјанства и пасоши во Софија. Откриениот скандал отвора многу прашања и за Бугарија, но и за Македонија бидејќи во реонот каде се издавале вакви документи живеат Горанци односно Македонци доселени од Гора, област на крајниот југозапад во Косово. Бугарија спроведуваше и агресивни активности за време на пописот во Албанија во областите каде што живеат Македонци поради што и официјално Скопје реагираше со коментар дека на пописот изјаснувањето треба да биде слободно и сите треба сами етнички и национално да се определат.
Миомир Серафиновиќ