Втор ден од декемврискиот Самит на ЕУ во Брисел. За денеска останува лидерите да дебатираат за ситуацијата на Блискиот Исток, при што се очекува да биде упатен повик за ослободување на сите заложници киднапирани од страна на Хамас и да се расправа за справување со алармантната хуманитарна ситуација во Газа. Но, историската одлука на Самитот беше донесена вчера попладнето, а тоа е Украина и Молдавија да ги почнат пристапните преговори за членство во ЕУ. Одлуката е донесена по повеќечасовни разговори. Остануваат напорите европските лидери да го убедат унгарскиот премиер Орбан да го повлече ветото за Украина да ја добие потребната финансиска помош од ЕУ фондовите.
И покрај тоа што може да поминат години, или децении, пред Украина да стане полноправна членка на Унијата, сепак жителите на Киев одлуката на европските лидери ја дочекаа со радост. Многумина од нив мислат дека нивната земја е центарот на Европа, а зеленото светло кое го добија од Брисел е и гласна порака до рускиот претседател Путин.
САД ја поздравија одлуката на Европската унија да ги отвори преговорите за членство со Украина и Молдавија, соопшти Стејт департментот.
Тие, исто така, ја поздравија одлуката на ЕУ да и додели на Грузија кандидатски статус за членство во ЕУ.
„САД продолжуваат силно да го поддржуваат процесот на проширување на ЕУ и со нетрпение очекуваме да ги поддржиме земјите-кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ додека тие продолжуваат со клучните реформи на патот кон членство во ЕУ“, се вели во соопштението.