Повторно Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања се најде на распит во обвинителството. И повторно негира било каква инволвираност во случајот со неговата 14-годишна ќерка.
Тој вчера беше изведен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд кога му беше одреден 48-часовен притвор.
Според исказите на осомничените, Александар Ѓорчевски го информирал Љупчо Палевски Палчо за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом во Дебар маало на улицата Наум Наумовски Борче за да се упати кон нејзиното училиште „Песталоци“ и дека притоа ќе биде сама, без придружба на нејзината сестра.
Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски на вчерашната прес-конференција информираше дека таткото ги негира овие дејствија.
„Значи ние неговата инволвираност која што се уште сметаме дека е посредна во овој случај ја вадиме до контекстот на она што го кажуваат другите инволвирани во случајот дека едното лице има кажало дека се ова го знае од контактот со таткото“, изјави вчера основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски.
Нејзиниот татко во 11 часот во полициската станица во Центар ќе го пријави исчезнувањето и ќе каже дека Вања во 7:27 го напуштила домот. Предистрагата, како што посочи Бубевски, е насочена и за тоа која е конкретно врската меѓу таткото и осомничениот за грабнувањето и убиството, Палевски.
Доцна попладне во обвинителството се очекува од МВР да пристигне кривична пријава за случајот. Потоа о9бвинителството ќе издаде наредба за истрага и предлог притвор од 30 дена за сите четворица осомничени за грабнувањето и убиството на малолетничката.
Во меѓувреме обдукцијата на телото на Вања во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје е завршена. Телото е предадено на семејството. До обвинителството се уште не е доставен наод за обдукцијата, бидејќи се работи интензивно и на другите анализи.
Обдукцијата треба да ги утврди причините за насилната смрт и точното време кога е убиена. Извештајот од обдукцијата е еден од клучните докази во истрагата и расветлување на случајот.
Осомничените штипјанецот Влатко Кешишов, велешаните Велибор Манев и Боре Видоевски се во затворот во Шутка. Тие се ставени секој посебно, за да не бидат мета на револт на другите притвореници. Палевски е во бегство.
Вања беше грабната утрината во понеделник на 27 ноември околу 7:30 часот. Таа, според исказите на осомничените, од кои еден сведочел на самиот чин, била убиена во околу 10 часот истиот ден. Нејзиното тело беше пронајдено во атарот на селото Бразда на периферијата на Скопје, каде бил и опожарениот автомобил Цитроен, кој бил искористен за нејзиното грабнување. На убиството на Вања претходело грабнувањето и убиството на 74 годишниот велешанец Панче Жежовски, кој бил сопственик на Циторенот.
Двете убиства се извршени на ист начин. Со истото оружје. На местата каде и се пронајдени нивните тела. Оружјето се уште не е пронајдено.
МВР вчера распиша меѓународна потерница по Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на Ѓорчевска и на Жежовски.
Марија Митевска